Здружението „Вина од Македонија“ се претстави како успешен пример на асоцијација од Југоисточна Европа на Конференцијата за вино во Стразбур, а нејзини претставници пред Комисијата за земјоделство на Европскиот парламент ги презентираа состојбите и плановите за унапредување на винската индустрија во регионот, со цел успешна интеграција во глобалната и европската економија.

– Оваа конференција беше одлична можност да се слушнат фактите за производството на вино, моменталните трендови и навиките на потрошувачите во Европската Унија. Од друга страна имавме можност да ги истакнеме потенцијалите на македонската винска индустрија, но и приоритетите во однос на унапредувањето на конкурентноста, заштитата на географското потекло и регистрацијата на географските ознаки за вино во Македонија, изјави Елена Младеновска – Јеленковиќ, извршен директор на здружението „Вина од Македонија“.

На оваа конференција, додаде, пред европратениците ја предложивме иницијативата за балканска платформа за заедничка промоција на вината од регионот и развој на винскиот туризам, како активност за која очекуваме поддршка во процесот на приклучување кон ЕУ.

Во рамки на конференцијата беше организирана и студиска посета на вински подрачја во Франција и Германија, како и дегустација на вината од земјите учеснички од Југоисточна Европа.