Погребот на прерано починатиот комита Никола Саздовски – Саздо, како што соопштија неговите другари од навивачката група „Комити“, ќе биде денеска на гробиштата во скопското село Ракотинци. Погребот е закажан во 13 часот.
– Комити, за да го испратиме нашиот брат како што доликува, дојдете на собирот со автомобили, кој симболично е закажан пред нашата, западна трибина од 11.45 часот со поаѓање во 12.20 часот. Да го развиориме уште еднаш омилениот бајрак на Саздо „Боже чувај ја Македонија“, соопштијаод навивачката група „Комити“.
Откако по нападот на Саздовски, кон крајот на минатиот месец, се направи обид тој да се прикрие, а во некои медиуми да се третира како измислица, и под притисок на дел од медиумите и јавноста, се очекува Основното јавно обвинителство да отвори истрага со поинаква правна квалификација на кривичното дело против тројцата напаѓачи кои го претепаат до смрт младиот навивач на групата Комити, 21-годишниот Никола Саздовски.
Денеска во ОЈО исказ треба да даде клучен сведок кој бил присутен во моментот кога на 29-ти јуни Никола бил брутално претепан на автобуската постојка во Автокоманда.
Тој вчера им подлегна на повредите. За обвинителството се важни исказот на сведокот и резултатите на обдукцијата, од што ќе зависи и прифатливоста на првичната квалификација на делото дадена со кривичната пријава на МВР.
Од полицијата вчера информираа дека двајца од тројцата напаѓачи се уапсени и дека им е одредена мерка притвор.