Продолжува информативниот караван за презентација на мерките од Оперативниот план за вработување за 2026 година, денес средби во Куманово, Гевгелија и Кавадарци.

Во Куманово пред поголем број заинтересирани невработени лица се дискутираше за можностите, деталите и начинот за аплицирање на трите јавни повици од мерката за самовработување (претприемништво).

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески се осврна за мерките во Оперативниот план кои се директно наменети за младите лица, каде тие имаат историски голема вклученост.

– Младите се во фокус на Оперативниот план, им даваме голем број на можности да се реализираат на професионален план, а со тоа и да останат дома и да го намалиме трендот на иселување. Покрај мерките за самовработување, каде во подмерките се предвидени средства за 1.158 млади лица, тие се вклучени и имаат предност во сите останати мерки. Во мерката „Поддршка за креирање на нови работни места“ за компаниите најголема поддршка во висина од 250.000 денари се предвидени за вработување на млади лица, преку мерката „Младински додаток“ поддржуваме 3.500 млади лица до 23 години кои работат во производни капацитети со додаток во износ од 3.000 денари месечно, за 1150 лица до 29 години финансиска поддршка за практиканство и многу други мерки. Младите се во фокус на Оперативниот план и во истиот е предвидено да се вклучат најмалку 5.808 млади лица до 29 години или 56,1% од вкупниот опфат – кажа Ристески.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски ги повика жителите на општина Куманово да аплицираат на јавните повици од мерката „Самовработување“ и да добијат грантови од 7.000 до 10.000 евра за отворање на сопствен бизнис.

Јавните повици за овие мерки се активни до 3 јули 2026 година.

Сите невработени лица заинтересирани можат да добијат детални информации за мерката во работните клубови на 30-те Центри за вработување на Агенцијата за вработување на Република Македонија, контакт центарот 02-3111-850 и веб-страната www.av.gov.mk.