Пишува: Дарко ЈАНЕВСКИ за МИА

На стогодишнината од Младотруската револуција, во 2008 година, Фондацијата на тогаш моќниот Велија Рамковски, не преплави со рекламни спотови во кои Младотурската револуција од 3 јули 1908 година ни беше прикажана како еден од настаните што водел кон денешната самостојност на Македонија. Почнало наводно од Илинденското востание, па преку Младотурската револуција, се до Ченто и референдумот во 1991-та.

Пораката за неупатените беше јасна: Младотурската револуција е еден од настаните во историјата на Македонија кој цврсто е вграден во нејзината независност. И човек, ако му веруваше на Рамковски, односно на неговата Фондација, навистина можеше да помисли дека е така.

Но, вината за оваа перцепција не беше во Рамковски. Всушност дотогашната македонска историја, македонските учебници од времето по Втората светска војна, можеби и до денешен ден, ја третираа и ја третираат Младотурската револуција како нешто позитивно за Македонија. Во тој дух бевме и ние воспитувани, во тој дух и денес ги воспитуваме и образуваме децата.

А, кога зборуваме за Рамковски, тој не застана на неколку рекламни спотови, туку отиде уште подалеку. Тие денови, во 2008 година, на внукот на Нијази бег, еден од водачите на Младотурската револуцијата, му беше доделен статусот почесен граѓанин на Ресен, поради заслугите на неговиот предок за градот, но и за Македонија. Наградата навистина имаше своја логика: ако Младотурската револуција е вградена во независноста на Македонија, а Нијази бег е еден од нејзините водачи, тогаш нема ништо пологично отколку да му се оддаде почит, макар и 100 години подоцна и макар преку неговиот внук.

Но, проблемот е во тоа што целата приказна за Младотурската револуција која почнала на денешен ден – 3 јули 1908 година – и за нејзината поврзанот со независноста на Македонија е катастрофално извртена. Тоа не би било чудно, ниту страшно ако го направеа нашите соседи – Грците, Бугарите и Србите. Немаше да биде чудно, ниту ќе изненадеше било кого ако таква оценка стигнеше дури и од Турција. Но, кога Македонци ја фалсификуваат историјата на сопствена штета, работата добива сериозни димензии.

Во целата приказна за Нијази бег и Младотурската револуција што тогаш ја прифатија ресенчани предводени од тогашниот нивен градоначалник Димитар Бузлевски, вистина е само дека бегот изградил сарај во градот и дека од Ресен тргнала Револуцијата. Се друго е обична лага. Но, да одиме по ред.

Причините за Младотурската револуција можат да се набројуваат прилично долго. Тие се бројни, но во едно нешто историчарите се сложни: таа веројатно не би била крената, да не била последната капка што ја прелила чашата – Македонија.

По Илинденското востание, големите европски сили и ги наложиле на Османската империја Мирцгтешките реформи за Македонија. Нивното неисполнување, но пред се се’ поагресивната кампања на Грција и Бугарија (двете земји имале Германци за кралеви), како и на Австроунгарија и Германија во Македонија, ги собрала на една маса англискиот и рускиот цар, Едвард и Николај.

Нивната средба се одржала на 9 и 10 јуни 1908 година во градот Ревал (денешен Талин, главен град на Естонија). Основна цел на средбата била да се спречи германско-австроунгарската експанзија во Европа, меѓудругото и на Балканот, на Блискиот Исток и во другите делови на светот.

Според англискиот министер за надворешни работи Едвард Греј, на средбата било разгледано и прашањето за европските вилаети во составот на Османската империја. Во текот на средбата, англискиот крал и рускиот цар постигнале неколку спогодби, а една од нив, според полковникот Ламуш, била и спогодбата за реформи во Македонија со кои таа добивала автономија.

Спогодбата потпишана во Ревал, за А.Ф. Милер значела англиско-руска контрола врз Македонија (зборуваме за целокупна Македонија, со Солун), а С. Тошев вели дека тоа неминовно ќе довело до отцепување на европските територии од Османската империја. Во секој случај, без оглед на нијансите во толкувањето на договорот меѓу двата императори во Ревал, во едно сите се согласни: примената на таа спогодба водело кон автономија на Македонија, а во блиска иднина и до нејзино отцепување од Турција, сето тоа под контрола на Русија и Англија.

Документите од турските архиви велат дека средбата од Ревал и постигната тамошна спогодба станале една од главните причини за избувнување на Младотурската револуција. Така всушност доаѓаме и до ресенскиот Нијази бег, вицемајор во тоа време, кој, во спомените, проучувани од д-р Јусуф Хамзаоглу од Скопје, запишал:

„Размислувајќи за последиците од тие одлуки (мисли на одлуките во Ревал, н.з.) три дена и три ноќи не спиев и три дена и три ноќи поминав во возбуди и треперења и на крајот решив да се одметнам в планина и да го отворам знамето на востанието.“

Ете, така, Нијази бег, чиј внук во 2008 година доби награда и стана почесен граѓанин на Ресен, раскажувал зошто ја кренал револуцијата. Нејзина основна цел била да се спречи автономијата на Македонија и со тоа губењето на европските територии. Според Милер, ако Нијази бег не се одметнал, во Македонија или ќе победела ВМРО или Македонија ќе паднела во рацете на големите држави, што, во крајна линија повторно значело нејзина целовитост, автономија и на крај независност во нејзините тогашни граници.

Тоа би значело и предвидлив тек на натамошните настани: до Балканските војни не би дошло, зашто Бугарија, Србија и Грција не би имале кого да протеруваат од Балканот, а во Првата светска војна, Македонија, бидејќи би била под англиско-руска контрола, од почетокот би учествувала на нивна страна, што би и го донело статусот на победник во војната и со тоа загарантирана целовитост на нејзината територија.

Се разбира, Младотурците не можеле да гледаат толку далеку, но Нијази бег и неговите следбеници едно знаеле со сигурност: алтернатива нема – за да се спречи реформата во Македонија договорена во Ревал, а со тоа и нејзината автономија и подоцна независност, морале да се кренат на оружје. Тие тоа го направиле, а првиот чекор го сторил токму Нијази бег на 3 јули 1908 година, како командант на 3-от баталјон од 88-от полк стациониран во Ресен.

Со тоа, според проф. Хамзаоглу, отворен е и патот кон Балканските војни и поразот на Османската империја во нив, бидејќи Младотурците сериозно ја ослабиле воената способност на Империјата. Тезата на проф. Хамзаоглу во своевремениот разговор со авторот на овие редови, беше дека за целовитоста на Македонија подобро било ако на власта останел стариот османски режим со султанот на чело, кој ослабен, најверојатно ќе морал да и даде автономија на Македонија со што би била избегната нејзината делба.

Наспроти тоа, победата на Младотурската револуција, довела до пораз на Османската империја во Првата балканска војна, тој пораз довел до Втората балканска војна и поделбата на Македонија. Тоа доведува до апсурдна ситуација: во 1908 година, за Македонија единствен спас бил човекот што и нанел толку зло, посебно за време и по Илинденското востание – султанот Абдул Хамид. Неговото заминување во историјата, го отворило патот и за поделбата на Македонија.

Тоа што ги збунува Македонците во приказните за оваа Револуција, па согласно на тоа безмалку со радост прифатија кога внукот на Нијази бег стана почесен граѓанин на Ресен, е што во почетокот, по победата на младотурскиот бунт, луѓето навистина верувале дека дошло време на слободата. Излегле на улиците, се бакнувале и тоа е точно. Но, бргу сфатиле дека работите одат на полошо. Во време на претходниот режим, никој не им забранувал да ја искажуваат својата националност и вера. Младотурците, пак, тргнале по друг пат: почнале да ја спроведуваат идејата за создавање турска нација, што значело дека сите поданици на режимот, муслимани и христијани, вклучувајќи ги и жителите на Македонија се Турци.

Втората работа што ги збунува Македонците е учеството на Јане Сандански во таа револуција и неговото влегување во Истанбул заедно со другите единици чија цел била да ја задушат контрареволуцијата.

Но, веројатно малкумина знаат дека во тоа време Сандански и немал друг избор. За султанот тој бил комита кој треба да се уапси, па морал да се крие во Бугарија. Но, и оттаму морал да побегне поради убиството на Сарафов и Гарванов по негова наредба.

Покрај тоа, влегол и во некои аранжмани со Младотурците, кои по неговата смрт во 1915 година, во едно писмо ги откриваат родителите на Гарванов и Сарафов. Тие вознемирени од написите во бугарскиот печат дека со убиството на Сандански, заминал уште еден херој на македонското движење, напишале подолго писмо во кое меѓудругото навеле дека тој, по револуцијата, добил концесија од Младотурците за користење на бањите во Банско. Дотогаш, со бањите управувал некој Арнаутин, но Младотурците едноставно му ја одзеле дозволата и му ја дале на Сандански.

Тоа можеби е и помалку битно. Многу повеќе внимание вреди да се посвети на следното: со победата на Младотурците, Сандански конечно пронашол место – Македонија – каде можел слободно да се движи без страв дека ќе биде уапсен. За него, во тие денови, друга опција не постоела. А, дали верувал оти со Младотурците ќе и биде подобро и на Македонија, е веќе друго прашање.

Се на се, целокупната приказна за Младотурската револуција е прилично долга и многу измешана. Но, во ниту еден нејзин дел, од подготовките, па натаму, нема да се најде ниту едно парче кое би ја поврзувало со денешната независност на Македонија. Тоа што пред 17 години почесен граѓанин на Ресен (тоа е веројатно и до ден денешен) стана внук на човекот кој нема никаква заслуга за денешната независност на Македонија, напротив, внук на човекот кој е вграден во поделбата на Македонија, е сосема друга работа. Чии мотиви, признаваме, не ни се баш најјасни.

Но, ако е за неква утеха, таа фалшлива приказна за Младотурската револуција и вистината за неа, за прв пат беше објавена во Македонската енциклопедија која се појави во тие години, но потоа беше повлечена. Таму, многу подоцна откако овие погоре напишани редови беа објавени, стоеше:

МЛАДОТУРСКА РЕВОЛУЦИЈА (1908) – воен државен преврат извршен од интелектуални, воени и буржоаски сили во османската држава (главно во Македонија, како акција за спречување на автономијата на оваа турска провинција по средбата на суверените на Русија и Англија) за воспоставување уставен систем во земјата. Младотурците ја формирале организацијата Единство и напредок. На Конгресот во Париз, Организацијата донела одлука за почеток на оружена борба за коренити промени во државното уредување и во социјално-економскиот живот во државата. Иако акцијата се извршила порано и не случајно со центар во Македонија, за да се зачува целоста на Турција пред решенијата за автономија на Македонија на Ревалската руско-британска средба, нивната акција била поддржана и од некои македонски револуционерни сили предводени од Ј.Сандански.

Младотурскиот преврат од јули 1908 година не донел поголеми промени. Детронизацијата на султанот Абдул Хамид Втори и воспоставувањето на младотурскиот режим не претставувале радикален пресврт. Внатрешната криза се заострила (продлабочена со војната со Италиа 1911), парламенот бил распуштен (1912), а наскоро започнала и Втората балканска војна.