Долгот на Италија е клучен ризик за економијата на еврозоната, заедно со глобалните трговски тензии и тврдиот брегзит, смета Меѓународниот монетарен фонд.

Таквата проценка на ММФ е содржана во годишниот извештај на институцијата за еврозоната, која ќе биде презентирана од директорката на ММФ Кристин Лагард на состанокот на министрите за финансии на еврозоната на 13 јуни.

Највисок ризик се земјите со висок долг во еврозоната кои не создаваат механизам за заштита. Италија се смета за најризичен случај, бидејќи политиката на слободна потрошувачка на италијанската евроскептичка влада, според проценките на ММФ, претставува потенцијално „големо кршење” на фискалните правила на ЕУ, тврди извор на кој се повикуваат западни медиуми.

Ако Европската комисија и министрите на ЕУ се согласат со таа проценка, Италија може да се соочи со финансиски санкции од ЕУ веќе во август.