Економијата на Македонија и понатаму продолжува да се опоравува од европската енергетска криза од минатата година. По силниот економски раст во првата половина на 2023 година, тимот на ММФ проектира дека економијата оваа година ќе расте за 2,3 проценти, а потоа за 3 проценти следната година, се наведува во изјавата од Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) по посетата на Скопје од 31 октомври до 13 ноември годинава.
Тимот на ММФ и властите постигнале договор на ниво на тим во врска со првиот преглед кој се прави во рамките на Линијата за претпазливост и ликвидност на ММФ, што е предмет на одобрување од страна на Извршниот одбор на ММФ.
-Откако ќе биде одобрен, С. Македонија ќе има пристап до околу 200 милиони евра според сегашниот курс). Властите имаат намера да повлечат околу три четвртини, а остатокот да го третираат како средство за претпазливост. Договорот ги поддржува намерите на властите и понатаму да продолжат да ги намалуваат буџетските дефицити, повторно да ги градат фискалните бафери, да се борат со инфлацијата и да ја зачувуваат финансиската стабилност. Освен макрофинансиската стабилност, подобрувањето на животниот стандард ќе бара поттикнување на инвестициите, подигнување на растот на продуктивноста и забрзување на зелената транзиција, информираат од ММФ.
Според ММФ, домашната побарувачка се очекува да се зголеми во текот на следната година, поддржана од засилувањето на јавните инвестиции како што се проектите за патните коридори 8/10-д.
Билансот во надворешната трговија, според ММФ, исто така значително се подобри во споредба со претходната година, делумно помогнат и од наглото намалување на цените на енергенсите на глобално ниво. Ова, заедно со отпорните странски директни инвестиции, ги поддржува девизните резерви кои остануваат на адекватни нивоа. Сепак, укажува Мисијата на ММФ, очигледни се ризиците поврзани со изгледите и тие вклучуваат глобална геоекономска фрагментација, интензивирање на регионалните конфликти и потенцијална нестабилност на глобалните цени на трговските стоки.
Тимот на ММФ ги поддржува намерите на властите да го намалат буџетскиот дефицит следната година. Оваа година очекуваат властите да успеат да ја исполнат номиналната буџетска цел (која е еднаква на 4,7 проценти од БДП), поддржано од неодамнешниот данок за солидарност и реформата на даночната политика.
-Гледајќи во перспектива, ние целосно ги поддржуваме намерите на владата да предложи буџет кој ќе биде конзистентен со фискален дефицит во износ од 3, 4 проценти во 2024 година. Фискалното консолидирање претставува предизвик, но постојат три причини зошто Владата има право кога се стреми кон тоа да има понизок дефицит следната година. Прво, тоа ќе го олесни преминот кон максималниот праг за дефицит од 3 проценти од БДП кој се бара со Законот за буџети. Второ, важно е да се изградат фискални бафери со кои ќе се овозможи соочување со растечката глобална неизвесност и секоја евентуална криза која би можела да произлезе од тоа, или во случај големиот проект за коридорот 8/10-д да чини повеќе отколку што било предвидено. Конечно, фискалната консолидација ќе функционира рака под рака со монетарната политика во насока на понатамошно намалување на инфлацијата, констатира ММФ.
За да се поддржи фискалната консолидација, како што укажува, клучно ќе биде тековните трошења да останат задржани во соодветна рамка, да се направи дополнително намалување на енергетските субвенции, да се продолжи со реформите на даночната политика.
-Конкретно, владата и синдикатите имаат клучна улога во унапредувањето на прудентни политики и во водењето сметка трошењата да бидат задржани на одржливи нивоа, во периодот пред избори. Во овој контекст, зголемувањата на платите следната година не би требало да го надминат она што веќе било договорено во општиот колективен договор. Иако зголемувањата на тарифите за електрична енергија имаа влијание врз буџетот на домаќинствата, тарифите за електрична енергија и понатаму се високосубвенционирани во Северна Македонија, тие не се доволно таргетирани и ги одземаат ресурсите од други приоритетни трошења како што се инфраструктура, здравство и образование. Поради тоа, од суштинска важност е да се продолжи со тарифните реформи на пазарот на електрична енергија, и наместо тоа да се овозможи подобра таргетирана поддршка на ранливите домаќинства на кои таа им е најпотребна, објаснува ММФ.
Дополнува дека за да се поддржат напорите за фискална консолидација и да се обезбеди среднорочна фискална одржливост, од клучна важност е да се продолжи со спроведувањето на реформите во даночната политика во насока на понатамошно намалување на ослободувањата и проширувањето на даночната основа.
-Освен намалувањето на дефицитот, потребни се исто така и неколку структурни фискални реформи. Континуираното екипирање на управувањето со јавните инвестиции во насока на целосен капацитет, заедно со зајакнувањето на методологиите за идентификување и вреднување на проектите, ќе доведе до поефикасни јавни инвестиции. Посебно од тоа, зголемувањето на даночната усогласеност е од суштинска важност за подобрување на фискалната позиција и обезбедување терен кој ја поддржува конкурентноста во економијата. Во овој контекст, реформските напори во рамките на Управата за јавни приходи се добродојдени, но тие треба дополнително да се забрзаат. Конечно, го поздравуваме формирањето на Фискалниот совет и очекуваме истиот да стане целосно оперативен во 2024 година, наведуваат од ММФ.
ММФ констатира дека инфлацијата се намалува благодарение на затегнување на монетарната политика и на нормализирањето на цените на храната и енергенсите на глобално ниво; последните владини мерки исто така овозможија одредено олеснување. Сепак, предупредува дека и понатаму се актуелните нагорни ризици од инфлацијата, при што централната банка треба да биде подготвена на дополнително затегнување доколку се остварат овие ризици.
Високиот номинален раст на платите од околу 15 проценти, според ММФ, доколку продолжи, создава ризик за повторно забрзување на инфлацијата. – Имајќи ги предвид латентните ризици, монетарната политика засега треба да остане затегната, а Народната банка треба да биде подготвена на дополнително затегнување доколку се материјализираат овие ризици. Владата и синдикатите тука имаат клучна улога, во обид да остваруваат прудентни политики во однос на платите и
пензиите. Скорешните административни мерки за контрола на цените овозможија само привремено олеснување во однос на инфлацијата и тие не треба да се сметаат за трајно решение за инфлаторните прашања, укажува ММФ.
Според ММФ, важно е брзо да се одобрат измените на Законот за Народната банка, кои ќе воспостават формален макропрудентен и резолуционен мандат, ќе ја подобрат рамката на управување на НБРСМ и ќе обезбедат автономија во поставувањето услови за вработување – што е важно за независноста на централната банка.
Северна Македонија, забалежува ММФ, постигна макроекономска стабилност, но сега треба да овозможи поголем раст, приоритет е забрзувањето на структурните реформи за подобрување на животниот стандард.
За побрза конвергенција потребен е повеќестран пристап кон намалување на емиграцијата, зајакнувањето на инвестициите и продуктивноста и забрзувањето на зелената транзиција. Ова може да се постигне со подобрување на деловното опкружување и владеење на правото, зачувување простор во буџетот за поддршка на јавната инфраструктура и образованието, забрзување на зелената транзиција и прилагодување на климатските промени.
Особено ќе биде важно, укажува ММФ, да се намали неформалниот сектор, не само преку воспоставување на поефикасна Управа за јавни приходи и помали бирократски процедури, туку и борба против корупцијата, за што тимот на ММФ целосно ја споделува загриженоста изразена од Европската комисија за неодамнешните измени на Кривичниот законик.
Од Мисијата на ММФ оценуваат дека клучната причина за забавувањето на потенцијалниот раст во Северна Македонија лежи во релативно слабите нивоа на инвестиции. Затоа, како што наведуваат, неодамнешните зголемувања во буџетот за капитални расходи се добредојдени и треба и понатаму да продолжат. Подобрувањето на управувањето со јавните инвестиции, исто така, ќе помогне подобро приоритизирање на проектите за јавни инвестиции.
Потребни се зголемувања на зелените инвестиции бидејќи, во крајна линија, деактивирањето на старите електрани кои загадуваат пред крајот на оваа деценија е нешто што не може да се избегне ако Северна Македонија сака да ги исполни своите цели за намалување на емисиите. Поставувањето на вистински стимулации за транзиција кон енергетска ефикасност и подготовката за постепено воведување на Механизмот за прилагодување на границите за јаглеродни емисии на ЕУ се исто така важни цели. Додавањето цели за емисии и отпорност во јавните инвестиции ќе помогне во митигацијата и кон адаптацијата кон климатските промени. Тековниот напредок во зазеленувањето на финансискиот сектор исто така ќе ја олесни климатската транзиција, укажува ММФ.
Овие реформи, според ММФ, ќе бидат клучни во поставувањето на темелите за силен, одржлив раст и ќе ја поддржат земјата на нејзиниот пат кон пристапување во ЕУ.