Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предупреди денеска за можна „економска бура“ со оглед на тоа дека развојот на глобалната економија не ги исполнува очекувањата.
Во текот на претходниот месец ММФ ги намали предвидувањата за развој на светската економија за оваа година од 3,7 на 3,5 отсто.
– Проблемот е во тоа што гледаме дека економијата се развива многу побавно од тоа што очекувавме, рече директорката на ММФ, Кристин Лагард.
Таа истакнува дека „четирите облаци“ се главни фактори кои ја нарушуваат глобалната економија и може да донесат бура.
– Меѓу тие ризици се трговските тензии и воведувањето на санкции, финансиските проблеми, несигурноста околу исходот на Брегзит и забавувањето на економијата во Кина, изјави Лагард.
Таа, како што пренесува Срна, нагласи дека трговските тензии, главно во облик на спорот околу царините помеѓу САД и Кина, веќе имаат глобално влијание.
Лагард укажа на ризикот од се поголеми трошоци за позајмувањата кои ги вршат владите, компаниите и домаќинствата.
– Кога има премногу облаци, доволно е само еден удар на молња да отпочне бура, заклучува Лагард.