Македонскиот претседател Стево Пендаровски потпиша укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата на Македонија, со што постапи по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата, која утврди дека поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов со донесените укази за поставувања во Армијата на 25 февруари 2019 година, за време на изборниот период, сторил дејствија што се забранети за време на изборниот процес и со тоа ја прекршил одредбата од членот 8-а, став 1, алинеја 2 од Изборниот законик и одредбата од членот 34, став 1, алинеја 2 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, информира МИА.
Согласно новите укази, бригадниот генерал Орце Драган Јордев, со указ се разрешува и се поставува за заменик на командантот на Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата.
Бригадниот генерал Мирче Тито Ѓоргоски е отповикан од воен претставник на Македонија при НАТО во Брисел. Со тоа, ова место, исто како и позицијата Амбасадор на државата во НАТО во Брисел останува празно. Кога ќе се најде соодветно решение, велат од кабинетот на претседателот, ќе биде поставен воен претставник на државата во НАТО. Од Кабиентот информираат дека вршител на должноста во Мисијата во НАТО е Горан Цеков.
Разрешен е и полковник Драган Ѓорѓи Ковачки од командант на 1. Механизирана пешадиска бригада во Здружената оперативна команда во Генералштабот на Армијата на Македонија.
Полковник Сабедин Бесник Емини е разрешен од началник на штаб во Здружената оперативна команда во Генералштабот на АРСМ и е поставен за командант на 1. Механизирана пешадиска бригада .
Полковник Мирослав Маријо Јуришиќ со указ е отповикан и поставен за одбранбено аташе на Македонија во Париз.
Началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, со указ од 25 февруари 2019 година беше унапреден од чин генерал-мајор во чин генерал-потполковник. Во Законот за одбрана нема законска основа за одземање на чин, освен доколку носителот на чинот е лично одговорен за определени противзаконски дејствија, како што се кривично дело или тешка дисциплинска повреда.
Се очекува новите укази денеска да бидат објавени и во Службен весник.
За ова се известени и шестмината опфатени со указите, информираат од Кабинетот на претседателот и нагласуваат дека решенијата по новите укази се донесена по двомесечна исклучително комплексна правна постапка, во консултации во самиот Кабинет, со експерти, но и со претставници од ДКСК