МНР ќе ја проверува автентичноста на изјавата на државниот секретар за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријас во однос на македонскиот јазик и ќе даде свој коментар, изјави денеска Зоран Заев.
Тој го повтори ставот дека португалскиот предлог е јасен и навистина е добра основа за решение. Според него, португалскиот предлог нуди решение, но не зазема страни.
– Во самиот предлог во преговарачката рамка е решението „преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик“. Секако, имаат изјави двете страни, и нашата и бугарската страна, кадешто, веројатно, министерката направила толкување за бугарски медиуми или слично за кое нешто ќе провериме денеска преку стручните служби од МНР за автентичноста на тоа што е кажано и МНР соодветно ќе реагира во јавноста, рече Заев на новинарско прашање дали по денешната изјава на Закаријаш се уште смета дека португалскиот предлог е добра основа за решение за решение со Бугарија.
Заев посочи дека кога заврши Самитот на ЕУ, односно Европскиот совет, тој и министерот за надворешни Османи веќе дадоа и „длабински коментари“ за португалскиот предлог и доколку се донесеше одлука, во тој предлог стои дека преводот на аки-то ќе биде на македонски јазик и ги има унилатералната изјава на Македонија и унилатералната изјава на Бугарија.
– Ние со Бугарија имаме реципроцитетен договор со кој што потпишуваме договори, одредени меморандуми, спогодби на кои што стои дека тоа е бугарски јазик согласно Уставот на Република Бугарија и македонски јазик согласно Уставот на Република … Македонија, рече Заев по презентацијата во Влада на законот за отпис на камати и трошоци .
Државниот секретар за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријас, изрази надеж дека по парламентарните избори во Бугарија на 11 јули ќе се најде решение за бугарското вето и за отворање на разговорите за членство на Македонија во ЕУ. Дел од медимите пренесоа и дека изјавала оти во минатото македонскиот јазик бил дел од бугарскиот јазик.