Бугарското МНР побара од Парламентарната комисија за надворешна политика да свика состанок и да се изјасни за предлогот на француското претседателство кој се однесува на Македонија.
Оттаму бараат на овој состанок да се разговара за сите достапни документи за Северна Македонија за да се формулира заедничка бугарска позиција.
Додаваат дека сега целиот процес целосно зависи од Комисијата за надворешна политика на бугарското собрание, која се’ уште нема закажано состанок на оваа тема.
„Би било пожелно Комисијата за надворешна политика веднаш да го свика овој состанок со учество на Министерството, да се разговара за сите достапни документи, да се формулира консолидирана бугарска позиција и да се утврдат следните чекори на бугарската дипломатија. Би било оптимално ако Советот на министри веќе го изразеше своето мислење за ова важно прашање за земјата. Доколку тоа не се случи во најбрз можен рок, МНР има мандат само да се придржува до Рамковниот став, Декларацијата на Националното собрание од 2019 година и заклучоците од Советодавниот совет за национална безбедност од оваа година“, велат од бугарското МНР.
Во соопштението се вели и дека во оваа фаза повеќе не постои објективна можност да се исполнат краткорочните критериуми утврдени во Рамковната позиција до крајот на француското претседателство со Советот на ЕУ, кое истекува на 30 јуни.
Т.н. француски предлог беше најавен како можност за деблокирање на евроинтеграциите за Македонија, закочени со бугарското вето пред две години. Тој е доставен до земјите членки на ЕУ, вклучително и Бугарија. Според изјавите на македонските власти, предлогот прво треба да биде прифатен од сите ЕУ членки, по што формално би бил доставен и од Македонија.