Промената на позицијата на Словачка по однос кандидатурата на Косово за членство во ЕУ ќе зависи од нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина
Словачкото Министерство за надворешни работи соопшти дека секоја промена во позицијата на Братислава по однос желбата на Косово да се приклучи на ЕУ ќе зависи од нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, јави „Танјуг“.
Словачка е една од петте земји-членки на ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово.
– Словачка е информирана дека Косово аплицирало за членство во ЕУ, но како што неколку пати повторивме, ставот на Словачка кон Косово се заснова врз Декларацијата на Националниот совет на Република Словачка од 2007 година. Секоја промена во ставот на Словачка по ова прашање ќе зависи од нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина, соопшти словачкото МНР во одговор на прашањето на приштинскиот весник „Газета експрес“ за тоа што мисли Братислава за членство на Косово во ЕУ.
Словачкото МНР додава и дека единствен начин за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина е активното учество во дијалогот што го води ЕУ, кој постепено треба да доведе до правно обврзувачки договор.
Тензиите меѓу Белград и Приштина се константни откако Косово прогласи независност што Србија одбива да ја признае. Околу 110 земји ја признаа независноста на Косово, но не и Русија, Кина и пет земји-членки на ЕУ – Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија. Европската унија и САД засега безуспешно се обидуваат да помогнат за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.