Руски дипломат е прогласен за персона нон грата и за неколку часа тој треба да ја напушти Македонија, потврдиле за МКД.мк официјални извори.
Како што дознава порталот, на 14 мај во македонското МНР бил повикан рускиот амбасадор Сергеј Баздикин за да му биде соопштено дека еден од дипломатите во неговата амбасада е прогласен за непожелна личност.
Средбата со амбасадорот и соопштувањето на причините биле во согласност со дипломатскиот протокол, а според изворот на порталот, „однесувањето на дипломатот не било во согласност со однесување што се очекува од земјата домаќин“.
МНР ја потврдило информацијата и соопштило дека согласно член 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи, одлучило да прогласи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Република Македонија.
Овој случај е прв од таков вид во односите со Руската Федерација кога станува збор за став на Владата во согласност со безбедносен увид на надлежните служби на Македонија „за зачувување на суверенитетот на државата”.