Министерството за надворешни работи (МНР) утрово соопшти дека висока делегација од Република Бугарија предводена од премиерот Кирил Петков на 18 јануари ќе ја посети земјава.
Во придружба на бугарскиот премиер, како што соопшти МНР, ќе бидат и министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, како и министерот за транспорт и врски, Николај Сабев.
-Посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата Влада на РС Македонија, со што двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји, наведува МНР.
Во фокусот на разговорите, според Министерството, ќе бидат доследната имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан меѓу двете земји во август 2017 година, како и продолжувањето на напорите за исчекор во обидите да се обезбеди поддршка за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија.