До 18 часот денеска сите македонски граѓани заглавени во меѓугранични простори или на аеродроми да се пријават во најблиското конузларно претствништво.
Министерството за надворешни работи и Министерството за транспорт ќе организираат хуманитарни летови и конвои за да можат да ги вратат назад.
Како што соопшти вчера министерот за надворешни работи Никола Димиров, такви се околку 2.300 граѓани, најмногу затечени во европските земји, а сите што на ваков начин ќе пристигнат во државава ќе бидат ставени во задолжителен државен карантин од 15 дена.
Граѓаните може да се пријават на е-меил адресите и телефоните на дипломатско-конзуларните претставништва на РМ во земјите каде што се наоѓаат или во најблиското конузларно претствништво во соседната земја или во земјата од регионот.
Според Димитров, пријавувањето на граѓаните е битно за да се има прецизна евиденција и податоци. Само така ќе може веднаш да почне организирањето на конвоите.
-До недела, 18 часот, сите кои се немаат пријавено да се пријават бидејќи ова нема да биде процес што ќе се одвива континуирано. Се работи за големи трошоци, голема организација, нема да може државата редовно да врши организација на вакви хуманитарни конвои, истакна Димитров и уште еднаш порача дека сега не е време за патување во странство.
Министерот најави и дека следните денови ќе биде организиран хуманитарен конвој од Црна Гора каде има околу 70 наши граѓани. И тие ако дојдат во земјава ќе бидат ставени во задолжителен карантин. Трошоците ќе бидат на товар на државата.
Се контактираат и сите земји од шенген зоната – доколку некои граѓани поради актуелната состојба со коронавирусот го пробијат рокот за максимум престој од 90 дена да не сносат правни последици.