Фудбалерот на Реал Мадрид, Лука Модриќ, кој беше избран за најдобар играч во Европа за минатата сезона, истакна дека не е заинтересиран за гласините околу доделувањето на наградите, но дека му значи тоа што Кристијано Роналдо му честитал за признанието.
Роналдо не се појави на свеченоста во Монте Карло каде на хрватскиот фудбалер му беше врачена наградата, по што се појавија гласини дека тој е незадоволен од поделбата на наградите, како и дека меѓу двајцата поранешни соиграчи се нарушени односите.
– Имам добри односи со Роналдо, а мислам дека и во иднина ќе ги задржиме ваквите релации. Точно е дека ми испрати порака во која ми честиташе за наградата. Ми соопшти дека е среќен за мене и дека ја заслужувам наградата. Не ме интересира што говорат другите, но многу ми значеше што мисли Роналдо, истакна хрватскиот фудбалер.
Модриќ и Роналдо шест години заедно настапуваа во Реал, а летово португалскиот фудбалер го напушти Мадрид и премина во Јувентус.