Претставници на Македонскиот олимписки комитет (МОК) денес остварија работна средба со висока делегација на Светската е-спорт федерација (IESF), предводена од претседателот Влад Маринеску, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и понатамошен развој на е-спортот во Македонија.

Во ера на брза дигитална трансформација, на средбата беше потврдена заедничката визија за поврзување на е-спортот со традиционалниот спорт, со посебен фокус на заштитата на интегритетот, едукацијата и приближувањето на олимписките вредности до младите генерации.

Генералниот секретар на МОК, Ѓорги Тасев, потсети дека е-спортот во државава е признат од 2022 година, а институционалната поддршка дополнително е потврдена со формирањето посебна комисија во рамки на Олимпискиот Комитет.

– За нас како Македонски олимписки комитет ова е исклучително значајна средба. Ни значи многу што денеска имаме можност да разговараме со претседателот Маринеску, а особено нè радува што во структурите на една ваква глобална организација се и Македонците Бобан Тотовски и Игор Недевски. МОК силно го поддржува е-спортот и веќе имаме формирано комисија со цел да го развиваме и интегрираме во секојдневниот спорт, нормално, преку доследна заштита на интегритетот, едукативниот и спортскиот аспект. Сакаме да ја интензивираме соработката со Македонската е-спорт федерација. Врската помеѓу е-спортот и олимпизмот е веќе реалност која не може да се игнорира. Ние активно ги следиме новите трендови и јасно ни е дека за да допреме до младите генерации и да им ги пренесеме олимписките вредности, мораме да зборуваме на нивниот јазик, а дигиталниот свет е нивното секојдневие, изјави Тасев.

Претседателот на Светската е-спорт федерација, Маринеску, изрази благодарност за отвореноста и визијата на МОК.

– Поддршката од Олимпискиот комитет е од големо значење за глобалниот развој на е-спортот. Радува фактот што Олимпискиот комитет овде има слух за модерното време и новите генерации. Оваа институционална подготвеност за соработка и заштита на интегритетот на спортот е вистински пример за тоа како традиционалниот спорт и е-спортот можат да се надополнуваат во духот на олимписките вредности, изјави Маринеску.

Посебен фокус во натамошната соработка ќе биде ставен на едукацијата и на заедничкото организирање на настани и натпревари, преку кои ќе се промовираат спортскиот и едукативниот аспект на е-спортот.