И официјално, преку соопштение до медиумите, МОК потврди дека денеска во нивните простории влегле припадници на Министерството за внатрешни работи по налог на Јавното обвинителство поради сомневање за злоупотреба.
Во духот на целосно транспарентно и отчетно работење на Македонскиот олимписки комитет (МОК), ве информираме дека денеска (19.02.2024) служби од Министерството за внатрешни работи (МВР) од канцеларијата на МОК побараа документација поврзана со Редовното изборно собрание што се одржа на 8 февруари 2024 година.
МОК им ја достави целокупната барана документација со записник, која вклучува:
– Комплетна видео снимка од изборното собрание
– Статут, Деловник и Олимписка повелба
– Мислења на спортско-арбитражниот суд
– Изјави од членовите на верификациската комисија
Како организација која секогаш е максимално транспарентна и отворена за соработка со сите надлежни органи, институции и организации, МОК е изненаден од постапката на одредени државни институции кои според законските одредби немаат надлежност да ја контролираат постапката за спроведување и одржување на изборно собрание, како и одлуките донесени на тоа собрание.
Очигледно е дека некому му пречи резултатот од редовното изборно собрание на МОК и донесените одлуки од страна на делегатите и затоа не престанува црната кампања против раководството на МОК.
Одлуките донесени на изборното собрание и изборот на Даниел Димевски за претседател на МОК и во следните четири години беа донесени јавно и според одредбите пропишани во правните акти на организацијата. Овие одлуки и изборот на претседател ги поздравија највисоките меѓународни олимписки организации, како што се Асоцијацијата на национални олимписки комитети (ANOC), Европскиот олимписки комитет (EOC), Меѓународниот комитет на медитерански игри (ICMG), како и многу национални олимписки комитети.
Во духот на досегашното работење, МОК ќе продолжи да работи единствено како што умее и треба, јавно и транспарентно, без оглед на обидите на поединци и групи да го дискредитираат раководството и организацијата.
Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет (МОК)