Меѓу донираните реквизити и опрема се фудбалски и кошаркарски топки, спортски маици, шорцеви и јакни, а посебна радост кај учениците предизвикаа и препознатливите олимписки маскоти Шајни

Во рамки на Laser Run Skopje 2026, Македонскиот олимписки комитет (МОК) донираше
спортска опрема и реквизити за СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје, како дел од
своите активности за поттикнување на училишниот и младинскиот спорт и создавање
подобри услови за спорт и физичка активност кај младите.

Донацијата е дел и од активностите на МОК за одбележување на 20 Ноември – Светскиот
ден на детето, кој ја истакнува важноста на грижата за децата, нивните права, можности и
услови за здрав и правилен развој. Токму спортот има значајна улога во овој процес, бидејќи покрај физичката активност, им овозможува на децата да развиваат тимски дух, дисциплина, истрајност, самодоверба и почитување на другите.

Донацијата опфаќа фудбалски и кошаркарски топки, спортски маици, шорцеви и спортски
јакни, а посебна радост кај учениците предизвикаа и препознатливите олимписки маскоти
Шајни.

Со оваа иницијатива, МОК ја продолжува својата заложба олимписките вредности да ги доближи до децата и младите, не само преку спортските натпревари и успеси, туку и преку конкретни активности што го поттикнуваат нивното вклучување во спортот.

Инвестицијата во младите и нивните спортски можности е инвестиција во генерации кои ќе растат со вредностите на почитувањето, пријателството, солидарноста и фер-плејот.

Зашто секој голем шампион некогаш бил дете со голем сон, а можноста тој сон да се развива започнува со поддршка, охрабрување и пристап до спортот.

МОК упатува благодарност и до Горска вода за поддршката и обезбеденото освежување за учесниците на Laser Run Skopje 2026.