И власта и опозицијата синхронизирани. Но, не за некое крупно политичко прашање, туку за зголемувањето на нивните плати од 78 отсто, објабува ТВ 24.

Не провериле, не забележале дали денеска им легнале на сметките екстра парите од бонусот кој им го овозможи Уставниот суд. Власта не сака да коментира одлука на највисокиот суд, но вели, треба да се наде решение.

Опозицијата ќе ја чека власта да поднесе предлог во Собрание, оти се што предлагале, СДСМ и ДУИ им одбивале.

Но, додека се чека системското решение поднесено од власта, а прифатено од опозицијата – и едните и другите ќе уживаат во зголемената плата. Па така, денеска на сметката на шефот на државата Стево Пендаровски, кој единствено крена глас против зголемувањето на платите, ќе легнат дополнителни 1200 евра, па тој ќе зема над 2.500 евра. Над 1000 евра повеќе ќе добијат и претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски.

Првиот има највисока плата 166.207 денари, а вториот за април ќе добие 156.482 денари. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, ќе има плата од 153.037 денари. Плати над 2.000 евра ќе имаат и вицепремиерите Грковска, Битиќи, Груби, Маричиќ и министерката за одбрана Петровска, што значи дека ќе добијат по 35 до 40 евра повеќе за секој работен ден. Одлуката на Уставен суд ќе има влијание на довербата на граѓаните кон политичарите, тврди професорот Атанас Козарев.

Платите на избраните и именуваните функционери пораснаа откако Уставниот суд по граѓанска иницијатива укина членови од Законот кој ја регулира оваа област. Оттаму велат дека тие не одлучувале за висината на платите, туку од нив било побарано да ја оценат уставноста на посебните одредби од Законот. Сепак, за месец април, меѓу другите, повисока плата за околу 1000 евра ќе земе и претседателот на Уставниот суд.