Документ, поднесен пред пет дена, од архивите на Собранието не може да стигне до претседателот Талат Џафери. Првиот човек на парламентот се уште нема изнесено став за Иницијативата за референдум поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ иако најдоцна до полноќ Комисијата за политички систем и Законодавно-правната комисија треба да го известат Џафери за уредноста на документот. Ниту денес нема никаков одговор од собраниските служби кој е ставот на Џафери и дали ќе и даде зелено светло на опозицијата да започне со собирање на 150.000 потписи.
На оваа тема, единствената изјава спикерот Џафери ја даде пред 10 дена, кога уверуваше дека доколку ВМРО-ДПМНЕ ги собере потребните потписи за референдум, ќе бидат испочитувани деловничките процедури и референдумот ќе го стави пред пратениците. Но, до сега не е потврдено ова што го изнесе Џафери.
Опозицијата уште претходно алармираше дека наводно социјалдемократите имале план да го опструираат нивниот обид, граѓаните да се изјаснат на Референдум дали сакаат да се поништи Договорот со Бугарија. Иако ВМРО-ДПМНЕ постојано повторува дека референдумот е повеќе од потребен и најдемократски начин, граѓаните да учествуваат во понатамошните одлуки на власта, СДСМ обвинува дека позади референдумот стоеле партиски мотиви.
Граѓаните нема да дозволат Мицкоски да го закочи нормалното функционирање на државата, нема да дозволат државата да се оддалечи од европскиот пат, само затоа што тој сака да ја спаси фотелјата во белиот дворец дури и по цена на државните интереси – реагираат од СДСМ.
Откако се појавија сомнежи дека Иницијативата може да биде отфрлена поради неспомнување на името на државата во делот „ до Претседател на Собрание, Талат Џафери“, лидерот на опозициската партија рече дека се спремни да ја коригираат.
Спикерот има три опции на маса. Една да ја врати Иницијативата на предлагачот ВМРО-ДПМНЕ поради административни недостатоци, втора, комисиите да одлучат за уредноста, а третата е, дури иако е неуредна да ја стави на нова пленарна седница, па пратениците сами да се изјаснат по ова прашање.