Седум години беа на власт и молчеа кога требаше да сработат нешто во корист на наставниците, професионалците кои ни ги образуваат и воспитуваат децата. Но сега, само што дојдоа во опозиција решија да бидат гласни, да кажуваат како и колку треба, а со тоа да ја потценат интелигенцијата на цел народ, особено на оние на кои им се додворуваат откако целосно ги запоставија.

Додека СДСМ одлучи да глуми лажна грижа, Владата му погледна на проблемот во очи и пристапи кон решавање на истиот. Првата пречка беше катастрофата која ја остави минатата власт зад себе – недостигаа 1,5 милијарди денари за исплата на плати на вработените во високото образование. Недостигаа 900 милиони денари за исплата на плати во основното и средното образование. Решавањето на овој проблем стана итен приоритет. Проблемите мораа да се решаваат чекор по чекор.

Просветните работници овој месец ќе добијат плата поголема за 5%, што е резултат на договорот на Владата и СОНК за континуиран раст на нивните приходи во следните 4 години во износ кој ќе зависи од висината на инфлацијата, рече министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска во Собранието.

КУРИР побара одговори од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК.

Од таму велат дека се релативно задоволни од постигнатиот договор со Министерството за образование и наука, од аспект на тоа што имаа преговори со МОН и Влада кои беа на власт само неколку месеци и наследија празен буџет.

-Нашето барање беше 12%, но со оглед на одговорот на МОН и Владата за 0% во оваа година, сепак сметаме дека овој договор е компромис помеѓу барањето на СОНК и можностите на државата, велат тие.

Овие 5% покачување се само едно од договорените низа скалила. Од СОНК за КУРИР откриваат што точно можат да очекуваат наставниците во Македонија во периодот кој следува.

-Со Спогодбата, потпишана од МОН и СОНК, договорено е во наредните четири години платите во основно и средно образование да растат во континуитет и тоа: во март 2025 година за 7%, во март 2026 година од 7.5% до 10% во зависност од економскиот раст во државата, во март 2027 година од 7.5% до 10% во зависност од економскиот раст во државата и во март 2028 година од 10% до 12,5% исто така во зависност од економскиот раст. Кумулативно, платите на вработените во основно и средно образование за наредните четири години ќе се зголемат околу 50%, на сметка на инфлацијата која се очекува да е многу пониска, односно да е помеѓу 10% и 12%, велат од СОНК за Курир.

Ја прашавме стручната служба на СОНК: Гледате ли во оваа Влада подготвеност за дијалог до целосно решавање на проблемите?

-Секако, со оглед на тоа дека досега со МОН имаме детектирано повеќе проблеми, за кои во наредниот период мораме да најдеме заедничко решение. Пред се, треба да се потпишат колективните договори за основно, средно и високо образование со квалитетни решенија кои ќе бидат дел од текстот. Проблемот со мал број на ученици во паралелките, решавање на
можниот вишок на вработени, но и недостатокот на наставници по одредени наставни предмети, се едни од приоритетните прашања за кои треба да најдеме решенија. Секако, и инклузијата не смееме да ја заборавиме, каде треба да се обезбедат квалитетни услови за работа на наставниците и учење на учениците. Трансферот на детските градинки од МТСП во МОН ќе бара и усогласување на легислативата на оваа дејност со образованието, што би значело непречено прилагодување и функционирање на градинките под “капата” на МОН.
За жал, има премногу проблеми во образованието, за што не сме сигурни дека во еден мандат на оваа Влада можеме да ги решиме, велат од СОНК за КУРИР.

Лицемерно, СДСМ бара покачување на платите на наставниците сега, кога е во опозиција, а со години на власт тоа беше на дното на нивните приоритети. Сега СДСМ си дозволува да критикува договор од кој се задоволни сите засегнати страни, договор кој со право е наречен историски.

Бесрамно, како политичка партија, дури организираа и протест пред МОН за повисоки плати во образованието. Протест за поголеми плати на наставници, а организиран од опозициската СДСМ. Каков срам! Како да не беше тоа доволно, овој потег просветните работници го сфатија како навреда.  Од Самостојниот синдикат за образование и наука се оградија од протестот со образложение дека нивни членови нема да учествуваат во политички протести.

СДСМ најавија протест под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите“ и ги повикаа просветните работници без разлика на нивните политички убедувања да се приклучат на протестот. СДСМ навистина нема оправдувања кога се обидува да ја потцени интелигенцијата на професионалците кои ни ги водат децата низ воспитно-образовниот процес.

Извор: Курир