Вработените во основното, средното и високото образование ќе го добијат новото покачување на платите од 10 проценти од 1 јануари 2020 година, договорено е на денешната средба во Министерството за образование и наука помеѓу ресорниот министер Арбер Адеми и претставниците од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) предводени од нивниот претседател Јаким Неделков.

По едно и полчасовната средба министерот Адеми изјави дека се работи за историски момент затоа што ова е трето покачување по оние што наставниците ги добија минатиот и овој септември од по пет проценти, нагласувајќи дека се работи кумулативно за зголемување од 21,3 проценти во еден мандат. За поместувањето на исплатата за три месеци, во јануари наместо во април како што беше претходно предложено, во Буџетот ќе бидат одвоени дополнителни 1,4 милијарда денари.

Адеми рече дека наставниците заслужуваат повисоки плати и дека секогаш МОН ќе биде на нивна страна, но дека засега се тие можностите.

– Се враќа дигнитетот на наставничката професија. Горди сме што интензивно преговаравме со СОНК за наставниците да имаат достоинствени плати, истакна Адеми по средбата со претставниците на СОНК.

Тој потсети и на зголемувањето на платите на вработените во седум научни институти за 25 проценти за што Владата донесе одлука пред две недели.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков е задоволен од исходот на неколкуте досегашни средби коишто, рече, биле тешки и најважно е што со постигнатиот договор нема да се активира штрајкот што беше најавен за 11 ноември.

Тој истакна дека со постигнатиот договор не е затворено прашањето, туку тоа е почеток за отворање на нови прашања за други проблеми на вработените и членовите на Синдикатот, како што е регресот за годишен одмор, трошоците за превоз до работното место, реалното вреднување на наставници во комбинирани паралелки, за дополнителни часови во наставата итн.