Активирани се решенијата за враќање на директорите на училиштата во Гостивар на работните позиции од кои беа разрешени на незаконски начин.
Министерството за образование и наука денеска информира дека станува збор за решенија кои беа повлечени во интерес на заложбите за спроведување фер и коректен процес за избор на претседател на државата.
– Одложувањето на примената, односно постапувањето по еден правен акт донесен согласно законите и во случајов, врз основа на одлука на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос и согласно извештаите од спроведените надзори на Државниот просветен инспекторат, не треба да значи негово забошотување и трајно непостапување по однос на него, се вели во соопштението.
Министерството за образование и наука, како што се наведува, има обврска и должност да постапи согласно своите ингеренции во секоја ситуација, вклучително и во конкретната во која беа констатирани низа прекршувања на законските прописи од страна на Општина Гостивар во делот на разрешувањето на училишните директори од политички причини.
– Мешањето на политиката е недозволиво во областа на образованието бидејќи најголемата штета што се прави, оди на сметка на учениците и нивниот воспитно-образовен процес. Наместо градоначалникот на Општина Гостивар паушално да ги обвинува Владата и Министерството за образование и наука за спроведување нерегуларни активности низ институциите на општината, апелираме да започне да се однесува одговорно, посветено и целосно да ги почитува позитивните правни прописи во земјата, стои во соопштението од Министерството за образование и наука.