Венецуела побара Советот за безбедност на ОН да потврди дека САД и 10 други земји немаат овластување да употребат сила против Каракас врз основа на Договорот за меѓуамериканска реципрочна помош.

Амбасадорот на Венецуела во ОН, Самуел Монкада, во писмо до Советот за безбедност изјави дека спогодбата од 1947 година се користи „како алатка“ за спроведување на поморската блокада со која на 1 август се закани американскиот претседател Доналд Трамп.

Монкада посочи на одлуката на САД, Бразил, Аргентина, Чиле, Колумбија, Гватемала, Хаити, Хондурас, Парагвај, Ел Салвадор и Доминиканската Република од 11 септември да свикаат состанок на потписниците на договорот, бидејќи според нив, сегашната состојба во Венецуела има „дестабилизирачко влијание“ и претставува „закана за мирот и безбедноста во хемисферата“.

Според него, Венецуела не претставува регионална закана. Тој рече дека вистинската цел на САД и другите е насилно да ја соборат легитимната Влада на претседателот Николас Мадуро. САД и 50 други држави го признаваат лидерот на опозицијата во Венецуела, Хуан Гуаид како претседател на земјата.

Венецуелскиот амбасадор изјави дека според договорот, од кој Венецуела се повлече во 2013 година, предност има Повелбата на ОН и оти употреба или закана со сила мора да биде одобрена од Советот за безбедност.

Монкада истакна дека Венецуела „се покажа како љубител и гарант на мирот“.