Над илјада лица од опозициската ВМРО-ДПМНЕ секој ден одат по монтирани судски процеси, изјави синоќа поранешниот пратеник Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ во дебатниот магазин „Клик Плус“ на ТВ21 во кој ги „вкрстија копјата“ со поранешниот министер и близок човек до актуелната власт, Љубомир Фрчкоски.

Фрчкоски рече дека „во ВМРО-ДПМНЕ мора да се „свари“ некако владеењето на Груевски и дека од партијата не смеат да се прават како ништо да не се случило“. Димовски му возврати дека по смената на власта над 1.000 луѓе од ВМРО-ДПМНЕ таргетирани по список одат на наместени судски процеси од политички причини.

– Професоре, над 1.000 луѓе од ВМРО-ДПМНЕ таргетирани по список одат секој ден по наместени судски процеси. Во скоро секој град во Македонија има високи функционери кои одат на наместени судски процеси. Поради политички причини, но паѓаат предметите и допрва ќе паѓаат и мене ми е жал што ќе има штета државата. Јас прифаќам сум бил предмет на замерки кога сум го дискутирал тоа за слабостите на ВМРО-ДПМНЕ, рече Димовски.