Според преподобниот Исак Сирин, човекот се состои од душа и тело. Човекот, како што говори тој, создаден е на таков начин, така што духовното треба да има првенство над телесното, но не е така. Навистина, во почетокот духот имал првенство и бил господар над телото, но со паѓањето на човекот во грев, телото (плотта) го презело првенството над духот. Со гревот сите духовни сили се разградиле, па човекот паднал во гревовна и ненормална состојба. Според свети Исак, за да се врати човекот во првобитната состојба, потребно е покајание и вера во светото Евангелие, потребен е личен напор и подвиг во борбата со гревот. Ние мораме да се зацврстуваме во добродетелите во содејство со Божјата благодат. Во постојаната борба со непријателот на нашето спасение – ѓаволот и гревовите, ние постојано јакнеме сè повеќе и на таков начин постигнуваме повисок степен на скапоцениот живот и се искачуваме „од сила во сила“. Така, ние постојано тежнееме кон единство со Бога и ја победуваме својата грешна природа, достигнуваме блаженство и достигнуваме животна цел и назначување.
Според Исак Сирин, постојат три степени во моралниот живот, кои постепено го воведуваат човекот од несовршенство во совршенство.
Првиот степен е оној, во кој преовладува телото и гревовната содржина. Светите отци него го нарекуваат „плотски“ или „противприроден“ степен;
Вториот степен е борбата со гревот и зацврстувањето во добродетелите, каде што се изедначува телесната и духовната страна на човечката природа;
Третиот степен е вишиот духовно-созерцателен живот, каде што преовладува духот. Свети Исак Сирин него го нарекува „духовен“ или „натприроден“ степен.
За првиот степен, можете да прочитате овде. Денеска го објавуваме вториот степен.
ВТОРИОТ СТЕПЕН
Видовме дека на првиот степен е опишана состојбата на човечката природа, односно, неговата морална состојба. Во вториот степен од моралниот живот почнува активноста над моралното усовршување и менувањето на грешната човечка природа кон добро. На овој степен човекот се менува според своето внатрешно својство, но и според надворешните дејства. Душевните сили и способности се обновуваат и преминуваат од неприродна во природна, согласно законот Божји. Оваа нова состојба се јавува по подолго подвизување, борба со гревот и зацврстување во добродетелите. Тогаш човекот доаѓа до свест за гревот и во себе веќе има покајание. Преку покајанието човекот влегува во борба со гревот, така што на гревот му се спротивставува со добродетелите. Преку таа постојана борба, доброто постојано победува и човекот сè повеќе и поцврсто се утврдува во него. Човекот може да го оствари доброто, па затоа му се препорачува да го прави по пат на добродетелност. Преку добродетелите ние го напуштаме стариот човек и се облекуваме во нов. Затоа треба да ги возљубиме добродетелите, а покрај нив да го имаме и покајанието, верата во Евангелието, како и надежта во помошта од Божјата благодат.
Покајанието е потребно, зашто преку него се сознава сопствената грешност, без што не може да се посака добро. Покајанието е жалост за тоа што дотогаш се одело по патот на гревот. За светителите не постои грев, кој не може да биде простен, освен непокајаниот грев. Верата во Евангелието, пак, нè учи на неопходното знаење за победа над ѓаволот и ревност во добродетелите.
Во борбата против гревот постојат внатрешни и надворешни пречки. Внатрешни се страстите и гревот кој владее во нас. Надворешни се светот и ѓаволот. Светителот советува најпрво да се започне борба со надворешните, а потоа со внатрешните пречки. Најпрво, треба да се затвори вратата за сите сетила, па дури потоа да се војува внатрешно. Како голем подвижник, со богато подвижничко искуство, светителот советува на борба со влијанието на надворешниот свет, имајќи го за оружје отшелништвото и молчанието, а за внатрешната борба ја нуди надежта на Божјата помош, разборитоста и трезвеноста. За борбата со самиот себе, со гревовната наклонетост, која преминала во страсна состојба, ги советува: постот, бдението, исполнувањето на сите Божји заповеди и разгорувањето на љубовта кон Бога и ближните.
Преку молчанието брзо се покоруваат страстите, кои со нас загосподариле. Тоа им помага на добродетелите во секој поглед. При молчание, човечкото срце постанува слично на детското. Преку молчанието започнува вистинската молитва.
Преку расудувањето човекот стекнува можност разумно да го разликува доброто од злото.
Трезвеноста, пак, не дозволува во душата да влезе ниту една страст и помисла, а ако се случи и да влезе, тогаш ги победува со Христовото име. Треезвеноста е подобра кога е упатена кон срцето, отколку кон умот, зашто на таков начин полесно се спречуваат желбите, кои се упатени кон срцето. Дејноста на умот зависи од состојбата на срцето. Каква што е душата, така ќе дејствува и умот, зашто умот е сила на душата.
Телото е заразено од гревот, заразен е и секој негов орган, па затоа е потребно сите телесни органи да се потчинат на духот. Заповедите треба да се исполнуваат, зашто ако тоа не го правиме, душата не може да биде чиста. Свети Исак Сирин му пишува на преподобен Симеон Столпник, дека заповедите се дадени од Господа како лекови, за да ја очистат човечката душа од страстите и гревовите. Со доаѓањето на Христос, заповедите добиле нова сила. Он ни дал животворни заповеди, кои се спасително лекарство во нашата страсна состојба. Под терминот „заповеди“, светителот го подразбира целиот евангелски закон. А ако не исполниме една заповед, не сме излечиле ни една душевна сила. Заповедите треба да исполнуваат не само поради и против страстите, туку затоа што преку нив ја добиваме животворната сила од Оној, кој и ни ги дал. А ни ги дал Оној, Кој со Својата крв и ги осветил. Затоа, преку вршењето на заповедите ние ги лечиме нашите душевни сили. Како што ни е потребно смирението, така ни е потребна и молитвата. Таа е непопходна за човекот, кој стапил во борба со гревот и кој сака да се зацврсти во добродетелите. Молитвата е молење и жалење по нешто. Таа е желба да се избавиме од сегашните и од идните искушенија. Светителот говори за молитвеното доживување, кое го нарекува оган и слатка молитва, која се раѓа во човекот тогаш, кога чувствува дека Бог му дава помош. Чувствувајќи ја оваа помош, во нас се раѓа внатрешното духовно насладување. Оваа молитвена состојба светителот ја нарекува „молитва на верата“. Ова чувство на топлина од молитвата ги уништува страстите и ја озарува душата со веселба, умот го упатува и го насочува кон вечниот живот.
Преподобниот Исак Сирин говори за теоретската и делотворната љубов. Првата е теоретска, а втората делотворна. Во заповедите за љубовта кон Бога и човекот, сите заповеди се соединети. Треба да Го љубиме Бога, но треба да да го љубиме и Божјиот облик – човекот. Ако подвижникот не може својата љубов да ја манифестира преку дела (зашто е сам), тогаш треба тоа да го прави во себе: во мислите и чувствата. Како свети Василиј Велики, свети Григориј Богослов и преподобен Макариј Велики, така и свети Исак Сирин се трудел да ја исполни прво љубовта кон ближните, па потоа да се издигне до љубовта кон Бога преку созерцанието. Дури откако ги исполниле потребните заповеди во општествениот живот, и кога нивниот ум почнал да ја чувствува почетната непоколебливост од божественото и таинствено созерцание, дури тогаш тие заминале во пустинско безмолвие. Во тоа време тие пребивале во својот внатрешен човек. Љубовта кон човекот очистува од сетилното, од врзаноста за сетилниот свет, па воведува во чувствување, во нужно очистување на душата од страстите, а потоа вознесува до чиста божествена љубов.
(Продолжува)