Во Москва денеска се одржува Конференција за Авганистан, наречена Московски формат, на која присуствуваат претставници на авганистанските власти и талибанците.
Конференцијата ја отвори шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кој истакна дека се надева оти состанок ќе го отвори патот кон мировни преговори.
Лавров наведе дека Авганистан не треба да биде користен како терен за геополитички игри и оти е важно да биде зачувана територијалната целост на земјата.
– Русија е посветена на зачувување на единствен и неделив Авганистан, во кој мирно и среќно ќе живеат сите етнички групи во земјата. Не се сомневам дека ваквиот пристап го делат и други учесници во Московскиот формат. Никој не треба да размислува за категориите на геополитичките игри, кои уште еднаш може да го претворат Авганистан во поле на ривалство меѓу надворешни играчи со најлоши последици за Авганистанците и нивните соседи, истакна Лавров.
Тој додаде дека Русија и нејзините партнери од регионот ќе продолжат да вложуваат напори за да отпочне дијалог помеѓу Владата на Авганистан и претставниците на талибанците.
– Сите држави од регионот и меѓународната заедница искрено сакаат да заживее мирна, независна и просперитетна авганистанска држава, ослободена од тероризам и нарко бизнисот, посочи Лавров.
Ехсан Тахири, портпарол на авганистанскиот Висок совет за мир, невладино тело кое ги набљудува мировните напори, изрази подготвеност да разговара со талибанците и побара од нив да изберат датум за отпочнување на преговори.
Разговаравме на темата за директни разговори со талибанците и им понудивме да изберат место и датум за отпочнување на разговори, посочи Тахири.
Амбасадата на САД во Москва испрати свој дипломат да ги надгледува разговорите.
Првиот обид на Русија да одржи конференција во септември пропадна откако авганистанските претставници одбија да присуствуваат. Авганистанската Влада на денешната конференција не испрати свои претставници, но затоа присуствуваат членови на Висок совет за мир, кои се поставени од Владата.