Русија денеска потврди дека го поздравува предлогот на САД за мораториум меѓу Москва и Киев на нападите врз енергетската инфраструктура, но порача дека за целосна стабилизација на пазарите треба да бидат укинати и незаконските санкции врз руските енергетски испораки.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека секој повик до Киев да ги запре нападите врз цивилната економска инфраструктура може само да биде поздравен и потврди дека Москва ќе остане во контакт со Вашингтон во врска со спроведувањето на оваа иницијатива.

Реакцијата на Москва следува откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Украина и Русија се согласиле да се воздржат од напади врз енергетските објекти.

Сепак, портпаролот на Кремљ информира дека во текот на изминатата ноќ бил регистриран нов обид на украинските сили да нападнат еден од руските енергетски објекти, објави ТАСС.

– Навистина, Украинците се обидоа да нападнат еден од енергетските објекти на територијата на Русија – изјави Песков пред новинарите на редовната прес-конференција.

Зборувајќи за состојбите со снабдувањето, Песков посочи дека нарушувањата и влошувањето на состојбата на светските енергетски пазари главно се должат на „нестабилноста и новата ескалација на тензиите во регионот на Персискиот Залив“.

– Ако санкциите бидат укинати, светските цени на енергијата би требало да се намалат – рече Песков додавајќи дека дури и да нема опасност за рафинериите, тоа само по себе не го решава проблемот со снабдувањето на глобално ниво. Тој оцени и дека домашната забрана за извоз на дизел-гориво треба да даде позитивен поттик на рускиот пазар.

Инаку, неколку руски региони во моментот се соочуваат со недостиг на гас, што влијае врз расположението на јавноста пред претстојните избори закажани од 18 до 20 септември.

МИА