Рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрет со кој се суспендира учеството на Русија во Договорот за нуклеарни сили со среден дострел од времето на Студената војна со САД, објави денеска Кремљ.
Русија минатиот месец соопшти дека го суспендира договорот откако САД објавија дека ќе се повлечат поради прекршувањата на Москва.
Путин нареди повлекување од договорот се додека Вашингтон не престане да го крши договорот и побара од Министерството за надворешни работи да ги информира потписниците за потегот на Русија.
САД од 2 февраури ја прекинаа примената на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ). Американскиот државен секретар Мајк Помпео еден ден претходно изјави дека Вашингтон за шест месеци целосно ќе се повлече од тој историски договор постигнат во 1987 година, доколку Русија не прекине со кршењето на пактот за контрола на вооружувањето.
Москва тогаш демантираше дека го прекршила договорот, со кој на двете страни им се забранува поставување ракети со краток и среден дострел во Европа, кои се истрелуваат од копно.