Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека израелските ракетни напади врз Сирија директно загрозиле два комерцијални лета.
Во соопштението од руското Министерство за одбрана се наведува дека сириската воздухопловна одбрана уништила 14 од 16 израелски ракети, што вчера беа истрелани врз неодредени мети во близина на Дамаск.
Претходно, сириските медиуми објавија дека три сириски војници се повредени при израелскиот воздушен напад.
Либанската државна телевизија јави дека над Либан прелетале израелски воени авион кои гаѓале три позиции јужно од Дамаск, каде се наоѓаат депоата со оружје на либанската милитантна група Хезболах и на иранските сили.
Според израелските медиуми, нападите западно од Дамаск биле изведени неколку часа откако на меѓународниот аеродром во Дамаск (во 19,45 часот) слетал авион Боинг -747 на иранската цивилна авиокомпанија „Фарс Ер Кешм“, за кој се претпоставува дека веројатно доставил во Сирија воена опрема или вооружување.
Постојат претпоставки и дека цел на нападот може да била делегација на Хезболах, која пристигнала од Бејрут околу 16.00 часот по локално време, за да се качи на ирански авион и да замине за Техеран за погребот на иранскиот функционер Хашеми Шахруди.
Тоа се први напади откако претседателот на САД, Доналд Трамп минатата недела најави дека ќе повлечи 2.000 американски војници од Сирија.