Експери стравуваат дека голем земјотрес кој би го погодил Истанбул би можел да убие до 30.000 луѓе.
„Според нашето сценарио, земјотрес од 7,6 степени според Рихтер во Анадолската разделина може да предизвика смрт на 26.000-30.000 луѓе“, вели Мурат Нурлу, директор на Одделот за справување со несреќи и итни случаи на Турција (АФАД).
Турција е една од најтрусните земји во светот, особено регионот околу Истанбул, па затоа властите се подготвуваат за голем удар во тој дел на земјата.
„Клучното во катастрофа е да спремиме најсоодветен одговор за најлошото сценарио. Според нашите симулации за Истанбул, во можен земјотрес со таква јачина би имало 60.000 повредени. Околу 45.000 згради би претрпеле голема штета, а околу 2,4 милиони луѓе би останале без дом“, предупреди Нурлу на конференција организирана од АФАД во петокот.
Тој вели дека ова сценарио е разработено само за Истанбул при што се предведни и 150.000 привремени засолништа. Според него, таков силен потрес е многу веројатно дека ќе предизвика и големо цунами. Брановите би биле високи од 6 до 9 метри, и тие би предизвикале значителна штета на Истанбул
На истата конференција проф. Шукру Ерзу истакна дека најлошото сценарио предвидува земјотрес од 7,7 според Рихтер.
„Постојат многу сеизмички потенцијали во Турција кои можат да предизвикаат големи земјотреси. Ова посебно е важно за регионот околу Мармара каде има густо населени места, многу згради и оти е економски центар на земјата“, вели тој.
Повеќе експерти на конференцијата рекоа дека земјотрес посилен од 7 Рихтерови степени е возможно да се случи до 2023 година. Само годинава Сеизмолошката опсерваторија во Босфорот регистрирала повеќе од 5.000 потреси во Турција.
Конференцијата се одржува на денот на еден од најкатастрофалните земјотреси во 20 век – на 17 август 1999 година Измит, на околу 100 километри од Истанбул, беше епицентарот на потресот од 7,4 степени по Рихтер. Земјотресот се случи во 03 часот, кога луѓето спијат. Во урнатините загинаа 17.000 луѓе, а штетата беше процената на 6,5 милијарди долари.