Вселенскиот патријарх г. Вартоломеј вчера на нашиот архиепископ г. Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со кој се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква.
– Денеска, браќа мои, кога наскоро ќе се исполни великиот ден на Педесетница, стаса и многукопнежниот час на решение за еден долг и болен раскол во Телото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Денеска помеѓу нас стојат овде.. најсвештениот во Христа брат, архиепископот охридски г. Стефан и неговата чесна придружба, за да го примат од нашите раце Патријаршискиот и синодален акт за востановување на црковното општење на нивната Мајка, Великата Христова Црква со нив, а од неа и преку неа со останатите помесни, свети Божји Цркви, преку врската на љубовта, единството и евхаристиското зближување преку взаемна почит, истакна патријархот Вартоломеј во обраќањето при предавањето на Актот, на крајот на вечерната богослужба во ставропигијален манастир „Балаклија” во Истанбул, што се одржа по повод споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и празникот на иконата на Мајката Божја „Достојно ест“ и воедно именден на вселенскиот патријарх.
Тој нагласи дека станува забор „голема радост на небото, зашто одамна скинатата риза на Господа се обновува, цела и неповредена, со иглата на Светиот Дух“ и „мноштвата на православните се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква“.
– Денеска се уверуваме во точноста на нашата вера, зашто најјасно се покажува вредноста на црковната двонасочност и нераскинливата врска помеѓу нејзините Ороси и Канони. Денеска, значи, уште еднаш се покажува вредноста не само на Оросот на светиот Четврти вселенски собор во Халкидон, но и на каноните кои го запазуваат единството и целоста на Господовото Тело, преку поставувањето на тешки и свештени одговорности врз рамената на секој архиепископ константинополски, истакна патријатхот Ватоломеј.
Тој додаде дека се одговорноста на архиепископот константинополски за Еклитон (апелациското прибегнување) по молбата за апелација на нашиот Синод до Вселенската Патријаршија од пред четири години, за него „не претставува привилегија, но жртва и исцрпување, заради спасението на верните…“
– Свештенејши архиепископе г. Стефане, Мајката Црква Константинополска болуваше, се молеше, долго трпеше, очекуваше, се надеваше, советуваше и се подготвуваше за наоѓање решение за проблемот што ја засегаше Вашата помесна Црква… Ги разбираме вашите потешкотии, искрснатите дилеми, внатрешните соображенија, променливите различни мислења; но решенијата сакаат жртва и храброст. Така ја чувствуваме и радоста на сите вас за настанатиот развој. Од денеска, кога добивате положба и служба во сесвештеното Тело на Црквата, се надеваме дека ќе се покажете еднакво достојни на благонаклонетоста на Великата Христова Црква кон вас… Го благословуваме Народот на најсветата Архиепископија Охридска. Ја поздравуваме видливата, добра и братољубива расположба на најсветата Црква на Србија кон вас. Очекуваме и официјално известување од вас за напредокот на дијалогот помеѓу вас. На крај, ви го врачуваме востановителниот за црковното општење Патријаршиски и Синодален Акт и го претвкусуваме сослужението со вас на претстојната недела на Педесетница, а Бог на мирот нека биде со сите вас, амин, истакна патријархот Вартоломеј.
На чинот на примопредавањето на Актот на кој присуствуваа и нашите митрополити преспаснко-пелагониски г. Петар и дебарско-кичевски г. Тимотеј и епископите г. Климент Хераклејски и г. Партениј Антаниски, архиепископот г. Стефан, кој во своето обраќање кон патријархот Вартоломеј, нагласи дека дошле кај него, време во кое тој го слушнал крикот на нашето срце и го почувствувал копнежот на нашите души.
– Дојдовме при Вас и сме многу радосни поради тоа. Дојдовме да го изразиме нашиот копнеж по Христа, кој, како православни Христијани, го имаме, и да ги изразиме почитта, честа и благодарноста пред Вашиот престол – да ги објавиме гласно, овде, од под куполата на Константинополската Црква, пред сечесниот Вселенски престол, нашата љубов кон целата Вселена, истакна неговото блаженство г. Стефан.
Затоа, додаде тој, стоејќи денес пред Вас и со привилегијата да стоиме со Вас, дојдовме да Ви кажеме едно големо благодарам.
– Еве, токму во оваа благословена вечер, во која се собрани многу благодатни добрини: празникот на апостолите Вартоломеј и Варнава и соборот на првата светогорска икона ‘Достојно ест”; оваа ставропигија во која се наоѓаме и живата вода која се роди од Живоносниот источник; мртвите во гробовите и мртвите што воскреснавме; еклитонот кој кон Вас го упативме и преку чие оправдување нè прифативте во општење со Вас и со сиот православен свет; и Вие, Архиепископе Константинополски, Вашите привилегии и Вашето срце полно со љубов, нагласи архиепископот Стефан.
По богослужбата, архиепископ г. Стефан, во знак на благодарност отслужи Трисагија пред гробот на патријархот Димитриј, за покојните цариградски пастири погребани на истите гробишта.