Државниот завод за ревизија (ДЗР) го објави Конечниот ревизорски извештај за извршената ревизија на финансиските извештаи, заедно со ревизијата на усогласеност на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
Во септември 2023 година ДТИРЗ склучила рамковна спогодба за промоција на странски директни инвестиции, маркетинг и изработка на промотивни материјали со два економски оператори во износ од 15 340 илјади денари за период од две години, која со анекс од февруари 2024 година е зголемена за дополнителни 2 950 илјади денари или вкупно 18 290 илјади денари (зголемување од 19 проценти).
-Во 2023 и 2024 година преземени се обврски во вкупен износ од 16.862 .000денари. Ревизијата утврдила дека дел од услугите поврзани со организирање на настани се извршувале и покрај тоа што во ДТИРЗ постои Сектор за маркетинг и комуникација, а поради невоспоставени индикатори за мерење на ефектите не се уверивме во потребата и ефектите од извршување на предметот на договорот. Со ревизијата обелоденето е дека 287ха од вкупната корисна површина на ТИРЗ и индустриските зони не се функционално искористени, односно не се дадени под закуп, додека пак седум од вкупно 16-те зони, на вкупна површина од 203,5 ха, и една индустриска зона на површина од 3,2 ха не се ставени во функција, односно просторот на истите не е издаден на корисници. Во периодот од 2009 до 2023 година во зоните кои не се ставени во функција реализирани се инвестиции во вкупен износ од 143.408.000 денари (2,3 милиони евра) или 3,4% од вкупниот износ на материјални средства во подготовка и тоа по основ на изградба на основната внатрешна инфраструктура, проектна документација и експропријацијата на земјиштето, информира ДЗР.
Според ревизорскиот извештај, на име обврски по задржан депозит во сметководствената евиденција на ДТИРЗ се евидентирани 39 655 илјади денари кои потекнуваат од минати години по склучени договори за изведување градежни работи.
Во однос на недоследностите во процесот на планирање на јавните набавки и реализација на склучените договори, информира дека за изведба на објекти за времено сместување и амбуланта за прва помош, градинки и складишта со пратечки содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Скопје 1 и ТИРЗ Скопје 2, како и објекти за времено сместување, градинки и складишта со пратечки содржини (паркиралишта) во ТИРЗ Штип и ТИРЗ Прилеп, по принцип „клуч на рака“, во 2023 година е склучен Договор вреден 1 781 800 000 денари со ДДВ или 28 972 357 евра.
-Со ревизијата е утврдено дека набавката била планирана и спроведена без претходна анализа на трошоци и придобивки, без физибилити студија за економската оправданост и без изработена проектна документација со предмер и пресметки, иако станува збор за исклучително голема и комплексна капитална инвестиција. Проценетата вредност на набавката е утврдена без целосни и веродостојни анализи, исклучиво врз основа на ценовник за инженерски услуги, а притоа не била искористена законската можност за технички дијалог со економските оператори, ниту постапката е спроведена како делива набавка и покрај различните видови објекти и локации. За реализација на договорот на крајот на 2023 година бил исплатен аванс од 20 отсто од договорната вредност, во износ од 302 000 000 денари, односно 4 910 569 евра. Исто така, утврдени се и слабости во реализацијата на договорот, кој воедно не содржи јасно уреден начин на плаќање за изработка на проектната документација, што создава правна несигурност и финансиски ризик за договорниот орган. ДТИРЗ во јули 2025 година доставува Информација до Владата за потреба од спогодбено раскинување на договорот, истакнува ДЗР.
Извештајот покажува и дека за изградба на административен објект во ТИРЗ Штип во декември 2022 година е склучен Договор во вредност од 212 398 илјади денари со ДДВ, односно 3 469 886 евра, но утврдени се значајни слабости во неговата реализација.
-Склучен е анекс за дополнителни и непредвидени работи како резултат на недоволно прецизна проектна документација и предмер-пресметка, при што изградениот потпорен ѕид и пристапната улица не се опфатени со проектната документација за која е издадено одобрение за градење, што не е согласно Законот за градење. Изведувачот започнал со набавка и монтажа на пречистителна станица без претходно одобрение за измени во тек на градба од надлежното министерство. Административен објект во ТИРЗ Штип, потпорен sид и пристапна улица Во јануари 2023 година ДТИРЗ склучила договор за консултантски услуги за избор на партнер за јавно-приватно партнерство за ТИРЗ Гевгелија во износ од 39 044 илјади денари, односно 634 832 евра со рок на реализација од една година, кој со анекс е продолжен до април 2024 година. Ревизијата утврдила дека поради поставени ограничувачки и дискриминаторски технички и квалификациски критериуми била доставена само една понуда. Објавените два јавни повици за избор на партнер за ЈПП во 2023 и 2024 година биле поништени бидејќи не била доставена ниту една понуда. И покрај тоа што договорот е реализиран во вкупен износ од 33 088 илјади денари, односно 85 отсто од вредноста на договорот, клучните активности од проектната програма поврзани со избор на партнер и склучување договор за ЈПП не се реализирани, што укажува на несоодветно користење на буџетските средства, наведува ДЗР.




