Министерството за труд и социјална политика информира дека од денеска, 2 септември, почнува исплатата на правата од социјална и детска заштита за месец август 2020 година.
-Почнува исплатата на права од социјална и детска заштита и тоа гарантиран детски додаток, посебен додаток за месец 09/2020, ЕПП за новороденче, родителски додаток за трето дете и за четврто дете, единствен родителски додаток, образовен додаток – студирање, гарантирана минимална помош ГМП, социјална парична помош-ретроактивна исплата, постојана парична помош-ретроактивна исплата, туѓа нега, еднократна парична помош, мобилност и слепило, цивилна инвалиднина, социјално домување, соопштија од МТСП.
Понатаму, како што посочуваат, почнува и исплата на социјална сигурност-социјална пензија, азиланти домување, парична помош за згрижувач и паричен надоместок за згрижувачко семејство.
Со цел да се избегне метеж пред банките и да се овозможи поголема заштита на корисниците на парична помош во услови на опасност од вирусот КОВИД-19, од Министерството информираат дека исплатата ќе се спроведе во три групи, во филијалите и експозитури на банките, согласно со утврдениот распоред по азбучен ред, според првата буква од презимето и тоа: 2 септември (среда) –А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ; 3 септември (четврток) –И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О; 4 септември (петок) –П, Р С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш.
-Корисниците на парични права кои поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство, од 2 септември 2020 година, соопшти МТСП.
Министерството за труд и социјална политика потсетува на обврската за носење маска и одржување физичко растојание од два метра.