Минималната бруто плата се усогласува за 3,3 проценти и ќе изнесува 17.943 денари, односно нето 12.507 денари, најави денеска Министерството за труд и социјална политика.
Согласно со Законот за минимална плата, наведува МТСП, усогласувањето ќе започне да се применува со исплатата на платата за април годинава. Бруто минималната плата во државава моментно изнесува 17.370 денари, односно 12.165 денари во нето износ.Со последното усогласување минималната плата ќе порасне за 573 денари во бруто износ.
Минималната плата, според Законот, се усогласува со по една третина од порастот на просечно исплатената плата, трошоците на живот и бруто домашниот производ.
Од МТСП информираат дека за усогласувањето на висината на минималната плата денеска свое мислење дал и Економско-социјалниот совет, во кој освен владини претставници учествуваат и синдикатите и работодавачите.