Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми вели дека се повлекува од позицијата, со цел да нема сомнеж за било какво влијание врз предметот кој се води во Обвинителството.
-Имајќи ја предвид одлуката на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески да поведе постапки за утврдување дисциплинска одговорност за сите три јавни обвинителки и да ја суспендира Вилма Русковска од функцијата основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поради незаконитото постапување и злоупотребата на службената положба и овластување, по своја сопствена волја се повлекувам од функцијата в.д директор на Управата за финансиска полиција.
– Advertisements –
Ваквата одлука ја носам со цел во јавноста да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Денешната одлука на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија даде јасна порака дека законите мора сите да ги почитуваат и дека злоупотребите на функциите за лични цели се недозволиви, вели Муареми.
Денеска пак обвинителството информираше дека е покрената дисциплинска постапка против обвинителките Вилма Русковска, Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева, за претресот во Управата за финансиска полиција. Обвинителката Русковска доби и привремена суспензија.