Кривична пријава од физичко лице е поднесена против директорот на Управата за финансиска полиција во обвинителството за организиран криминал и корупција. Бранувањата околу случајот финансиска полиција не стивнуваат. Се работи за лице од Дебар кое во пријавата тврди дека директорот на финасиска полиција сторил кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластувања“, „Малтретирање во вршење на службата“ како и кривично дело „Насилство“. Во образложението наведува дека директорот Муареми, од февруари годинава го уценувал, му се заканувал и му вршел насилство злоупотребувајќи ја својата функција.
Освен до обвинителството ова лице поднело пријава и до премиерот, државниот јавен обвинител и министерот за финансии. Од обвинителството ја потврдуваат информацијата за поднесена кривична пријава која е со вчерашен датум, но повеќе детали не откриваат.
Директорот Муареми не е изненаден од оваа пријава и вели дека се работи за исцениран напад од лице против кое се води постапка во финансиска полиција.
„Препознаваме и свесни сме дека овие намерно исценирани и неосновани напади кон нас, доаѓаат од еден ист центар за кој што во Управата, но, и во други институции веќе активно се водат соодветни постапки, во зависност од надлежностите на институцијата“, вели Муареми.
Муареми очекува дека ваквите напади ќе продолжат но уште еднаш ги повика надлежните институции да постапат по претставките кои тој ги поднесе за како што тврди незаконскиот претрес во Управата по налог на обвинителството на Русковска. Тој денеска достави претставка и до Судксиот совет и бара одговорност од судијата кој го одобрил претресот.
Од судскиот совет информираат дека е заведено барањето за испитување на одговорност на судијата кој одобрил претрес.
„На некоја од следните седници на советот по пат на ждребка ќе се формира комисија од три члена која ќе подготви записник дали постапката за судијата ќе продолжи или ќе прекине. Со оглед дека ваквите предмети се доверливи Судскиот совет не може да изнесува повеќе детали“, велат од Судскиот совет.
Во меѓувреме државниот обвинител Јовески се уште се нема произнесено дали ќе има одговорност за обвинителките од организиран криминал за незаконско постапување по однос на претресот во Управата за финансиска полиција.