„Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не можат да бидат предмет на преговори. Тие се душата на нашата нација. Посветени сме на интеграцијата, но подеднакво и на одбраната на нашето достоинство и правото да бидеме тоа што сме — без услови, без извинување, без бришење.“

Ова го истакнал министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски кои утрово се обрати на меѓународната конференција Budapest Global Dialogue 2025, што се одржува во Будимпешта, во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања и Фондацијата за следење на истражувањата.

„Истакнав дека македонскиот народ ја има платено цената на трпение и компромиси, и додадов дека постојат линии што нема да ги преминеме — затоа што тие не прават тоа што сме. Ова не е став на инает, туку на самопочит. Иднината во Европа мора да се гради врз взаемно признавање и доверба, а не врз бришење на историјата или наметнати наративи, истакна Муцунски во својата објава.

Тој додава дека пред присутните на конференцијата ја нагласил важноста од водење проактивна и кохезивна европска политика, особено во услови на зголемена глобална нестабилност и променлив геополитички контекст.

Исто така, тој истакнал дека посилна и подобро координирана Европа, заедно со одржување на ефективна трансатлантска врска, се клучни предуслови за справување со надворешните предизвици и за зачувување на безбедноста и просперитетот на континентот.

„Заклучив дека европската интеграција на регионот не треба да се гледа исклучиво низ призмата на (гео)политички избор, туку како заедничка стратешка потреба и заедничка одговорност, заклучува Муцунски.