Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска категорично демантираше дека постои каков било договор за прифаќање мигранти.
-Сакам да бидам кристално јасен: оваа Влада ниту водела, ниту ќе води политика за прифаќање мигранти – во каква било форма. Нема договори, нема преговори, нема квоти, нема центри, нема транзитни аранжмани. Таква иницијатива ниту е разгледувана, ниту постои политичка намера во таа насока. Сето тоа е апсолутна невистина, објави Муцунски на својата официјална Фејсбук страница.
Тој натаму наведува дека Владата е целосно посветена на економскиот развој и на подобрување на квалитетот на живот на граѓаните и оти гради партнерства што носат конкретни придобивки за секое семејство, за секоја општина и за државата како целина.
-Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство се темели на меѓусебно почитување и доверба, како и на соработка во политиката, економијата и безбедноста. Тоа значи реални иницијативи и проекти што го забрзуваат економскиот развој, отвораат работни места и носат опипливи придобивки за граѓаните – а не сценарија измислени за дневнополитички потреби, нагласува Муцунски.
Тој потенцира дека темата за наводно прифаќање мигранти претставува „класичен дневнополитички обид за дефокус – последица на драматично нискиот рејтинг и безидејноста во која СДСМ е заглавен подолг период“.
-Крајно неодговорно е да се одржуваат прес-конференции врз основа на сензационалистички, непроверени и неточни информации, со што намерно се создава лажна перцепција во јавноста и, заради партиски интерес, се злоупотребуваат чувствителни теми, заклучува Муцунски.




