Некогаш симбол на моќта, а денес Синиот воз се користи за комерцијални цели и секој што сака, може да замине со него на „југоносталгична прошетка“.
До заминувањето на Јосип Броз Тито, возот единствено се користел за превоз на претседателот на СФРЈ, високи државни и политички личности и странски државници на патувања во земјата и странство. Од 2005 година почнал да се користи за комерцијални цели и може да се изнајми за различни видови свечености, како на пример роденденски и корпоративни прослави, венчавки или за индивидуални патувања.
Сите заинтересирани можат да го разгледаат или фотографираат овој „музеј“ на шини и да слушнат еден дел од југословенската историја. Потребно е само пријавување 24 часа претходно на srbijavoz.marketing@srbrail.rs или на телефонскиот број +381 11 3616-811.
Овој воз со право го носи епитетот „салонски“, бидејќи изобилува со луксуз и комфор. Осмислен е како целина за престој и сите протоколарни активности на некогашниот претседател на СФРЈ.
Возот е произведен во 1959 година во фабриката за шински возила „Гоша“ во Смедеревска Паланка и во фабриката за вагони „Борис Кидрич“ во Марибор. Името му го дале работниците во фабриката бидејќи е обоен во сино, со цел да се разликува од останатите во тоа време, главно зелени, композиции на Југословенската железница. Возот го сочинувале десет вагони на „Главниот воз“ и осум вагони на „Првиот воз“.
Претседателот Тито во „Синиот воз“ пречекал повеќе од 60 светски државници, а поминал повеќе од 600.000 километри во земјата и странство.