Владата не остави последни на потонатиот брод – не стави во незаслужен куќен притвор – на овие пораки укажаа музичарите и угостителите на денешниот протест поради новите рестриктивни мерки со кои се забранија јавните настапи во локалите. Во време на корона криза, повеќе од седум месеци без работа – сега пак ни забранија да работиме – револт кај естрадните уметници. Бараат повлекување на одлуката или финансиска помош од државата.
„Цело лето беше затворена цела свадбена индустрија, комплетно затворена беше цела сезона. Ако седиме дома, треба да не исплатат“ – изјави Горјан Стојановски од Здружението на естрадни уметници.
„Засегнати сме од една ситуација која трае скоро една година. Имаме барања кои сакаме да стигнат директно до премиерот Зоран Заев“ – изјави пејачот Даниел Сидовски – организатор на протестот.
Со импровизиран ноќен клуб пред Владата на кој стои натпис „затворено“ протестираа и сопственици на ноќни клубови. Побараа пакет мерки за да ги подмират нивните долгови но и протоколи за работа. Пред владата познати имња од македонската естрада , велат не е фер сите да страдаат поради неколку сопственици на локали кои носејќи пејачи од регионот не ги почитувале протоколите.
Музичарите му дадоа рок од два дена на премиерот Зоран Заев да ги прими. Во спротивно, најавија уште помасовен протест на 11 октомври. По обраќањето, организаторите истакнаа дека од кабинетот на премиерот, им закажале средба за во петок.