Министерството за внатрешни работи ги демантира обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека му е издаден македонски пасош на Радоје Звицер кој се посочува како лице кое планирало да изврши атентат врз српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Министерството за внатрешни работи најостро ги демантира дезинформациите пласирани од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека на извесен Радоје Звицер, му бил издаден македонски пасош. Потсетуваме и дека случајот „Двојник“ е расчистен и за тоа веќе се изречени и судски пресуди, а сите патни исправи поврзани со оваа истрага се поништени во управна постапка и истите не се валидни односно не можат да се користат, стои во реакцијата од МВР.
ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека од страна на МВР му е издаден пасош на Звицер.
– Нов скандал го тресе МВР на Спасовски. Радоје Звицер според информации на Европол, потврдени од МВР Србија потврдија дека е откриен заговор за атентат врз претседателот на Србија, Вучиќ. ВМРО-ДПМНЕ во рамки на обелоденувањето на аферата „мафија“ пред помалку од една година откри дека на списокот мафијаши и криминалци кому Спасовски им издал легален македонски пасош но под друго име е токму атентаторот на Вучиќ, Радоје Звицер, наведе ВМРО-ДПМНЕ.