Почнуваат да се засилуваат мерките и активности за подигнување на безбедноста околу црквата „Св. Спас“во пресрет на одбележувањето на роденденот на Гоце Делчев.
Од попладне се затвораат за сообраќај улицата „Самоилова“, на потегот од ул.„Иљо Војвода“ до крстосницата со ул.„Прохор Пчински“, а в сабота по улиците „Лазар Личеновски“ „Самоилова“ ќе се вози само под посебен сообраќаен режим. А посебни протоколи на работа најавуваат и локалите во близина на црквата Свети Спас и скопското Кале.
По најавите од групи и поединци од Бугарија дека ќе дојдат во Скопје на 4-ти февруари министерот Спасовски и дененска уверува дека нема да дозволат навреди и понижување на македонската држава и македонскиот народ. Граѓаните можат да бидат сигури и безбедни а Делчев ќе биде чествуван онака како што му доликува – достоинствено и со почит, апелираше Спасовски.
Мерки за безбедност, без провокации и инциденти од страна на бугарските гости кои ќе дојдат в сабота, деновиве простигнаа и од главниот комесар во бугарското МВР, Станимир Станев, но се уште нема официјална потврда дали и во кој состав бугарски државни пртставници ќе присуствуваат на чествувањето на македонскиот револуционер в Скопје. Од МВР се уште не прецизираат ниту дали ќе има посебен протокол за бугарските посетители и дали на поединци од Бугарија в сабота ќе им биде забранет влез во земјава. Додека некои бугарските невладини организцаии пак најавуваат дека уште на граничните премини ќе бидат дочекани и придружувани од претставници на МВР.
На одбележувањето на 151 година од раѓањето на македонскиот великан, в сабота пред саркофагот на Делчев во црквата Св.Спас ќе се поклонат претседателот Пендаровски и владина делегација, предводена од премиерот Ковачевски. Своето присуство вчера го потврди и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.