Расчистено е двојното убиство во Стајковци, кога маж ги усмрти братот и снаата. Осомничениот Љ.К.(66) од скопско Стајковци беше изведен пред судија на претходна постапка кој му определил мерка притвор во траење од 30 дена.
Полицијата против осомничениот поднесе кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“ по член 123 од Кривичниот законик.
-Тој се сомничи дека на 14.05.2024 во домот во с.Стајковци со метален предмет ги нападнал неговиот брат В.К.(64) и неговата снаа С.К.(57), кои од здобиените повреди починале на местото, информира МВР.
Од Обвинителството соопштија дека тој со умисла ги лишил од живот својот брат и снаата.
-Осомничениот прво ја нападнал снаата, удирајќи ја повеќе пати со метална шипка по главата, а потоа го пресретнал и братот на кого исто така со шипката му нанел смртоносни повреди, соопштија од Обвинителството.
По настанот осомничениот беше хоспитализиран. Бидејќи со подобрување на неговата здравствена состојба постои опасност тој да се даде во бегство, јавниот обвинител оцени дека мерката притвор е неопходна за непречено водење на истрагата, па до судијата на претходна постапка достави предлог за определување таква мерка.