Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека продолжува борбата со криминалот и за следниот период најави нови десетици случаи на кои работат МВР и Обвинителството.

Тој во однос на последниот случај на криминал во РЕК Битола и РЕК Осломеј рече дека се осомничени 23 лица и два правни субјекта и дека Владата не планира да дозволи да се прави естрада од тоа. На осомничените ќе им се даде шанса да ја докажат невиноста.

– Ќе продолжиме со борбата со криминалот. МВР и срамежливото обвинителство веќе работат на десетици случаи. На македонските граѓани ќе им стане многу јасно што се случувало изминатите години. Па, преку фер и транспарентен процес очекувам секој да ја докажува својата вина или невиност. Во периодот што следи, од информациите со кои располагам ќе има десетици вакви случаи. Правдата е бавна, таа постепено доаѓа, но кога ќе дојде – ќе дојде. Мора да ја вратиме довербата кај граѓаните, мора правдата да владее на целата територија на Македонија. Мора да бидеме правна држава ако сакаме да одиме напред. Тоа важи и за тие порано, но и за тие што денес мислат дека ќе ја изиграат правдата – рече Мицкоски.

Од акциите, рече премиерот, нема да се прави естрада и јавноста за нив ќе биде информирана преку соопштенија, а потоа, како што додаде, очекува во транспарентни судски процеси да се докажува вината или невиноста на осомничените.

„Така што нема да се случува како што беше во минатото, на полноќ или наутро да влегуваат специјалните единици вооружени до заби во домовите на лицата коишто се осомничени и сето тоа камера да го снима и сл. Да правиме естрада од сето тоа, нема да биде, ќе биде вака преку соопштенија, а потоа преку еден фер и транспарентен судски процес очекувам секој да ја докажува својата вина или невиност во целиот случај“, изјави Мицкоски.