Триесет и осум годишната Даниела Пецевска од Скопје, која беше исчезната и по која се трагаше со денови, вчера околу 13 часот била пронајдена мртва во водите на Вардар во Горно Лисиче, потврди полицијата.

Врз нејзиното тело немало траги на насилство, но се испитуваат причините за смртта, велат од Министерството за внатрешни работи.

Медицинската сестра Пецевска исчезна во понеделникот. Нејзиниот сопруг и блиските и преку социјалните мрежи бараа помош. Се објавија шпекулативни вести дека деновиве била видена во Битола.

Таа била вработена како медицинска сестра во Клиниката за гинекологија во Скопје, мајка на три деца.

– Телото од почината жена што вчера околу 13 часот беше најдено и извадено од водите на Вардар кај мостот во Горно Лисиче е на 38-годишната Д.П. од Драчево, потврди МВР.

По Пецевска се трагаше од понеделникот, 11 февруари, кога нејзиното исчезнување во полициската станица во Драчево го пријавил нејзиниот сопруг.