Дојави за поставени експлозивни направи денеска добија најголем број школи досега, вкупно 49 основни средни училишта во Скопје и Куманово. По извршените проверки, МВР информира дека сите дојави се лажни

Сите дојави за поставени бомби кои денеска ги добија вкупно 49 основни и средни училишта во Скопје и Куманово се лажни. Информацијата ја соопшти Министерството за внатрешни работи по направените антитерористички проверки во училиштата.

„Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите, а потоа се извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, се вели во соопштението од МВР.

Дојави за поставени експлозивни направи денеска добија најголем број училишта досега.

Пораки со заканувачка содржина денеска стигнале на мејл адресите на 17 основни и 22 средни училишта во Скопје, како и на осум основни училишта плус еден клон на училиште и едно средно училиште во Куманово.