Полицијата во полошкиот регион во наредниов период значително ќе ги засили контролните активности за откривање и санкционирање пукање од огнено оружје, правење на огномети и користење на пиротехнички средства. Деновиве се одржуваат состаноци на советодавните групи на граѓани и на месните и урбаните заедници во Полог за да се намалат и спречат ваквите нарушувања на јавниот ред и мир.
Од СВР Тетово појаснуваат дека во наредниве два месеца, (јули и август), на поширокото полошко подрачје закажани се и ќе бидат организирани голем број свадбени и други свечености.
– Ваквите свечености минатите години, повеќе или помалку, се карактеризираа со повремени нарушувања на јавниот ред и мир, најчесто со пукање од огнено оружје или неовластено приредување огномети, односно употреба на разновидни пиротехнички средства, вели портпаролот Марјан Јосифоски.
Тој упати апел до граѓаните да се воздржат од пукање со пиштоли или друго огнено оружје, како и од неовластено организирање огномети, кои во последно време стануваат задолжителна свадбена содржина, односно практика на ова подрачје.
Неовластеното пукање на семејни веселби може да биде санкционирано како прекршок, но и да биде кривично дело.
– Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок, согласно член 31 се движи од 200 до 500 евра. Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик), вели полицискиот портпарол.
За да се избегнат непријатностите и казнувањата, од СВР Тетово потсетуваат дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а нивните организатори навреме да ги спроведат пропишаните превентивни мерки. Истото се однесува и на други свечености кои ќе се организираат по различни поводи.
Од полицијата потсетуваат дека нивни службеници ќе бидат зачестено на терен и ќе вршат контроли на планот на откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир.