Новогодишната ноќ во државава помина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир. Регистрирано е намалување на бројот на кривичните дела на територијата на цела држава.
Од Министерството за внатрешни работи за МИА информираат дека се приведени вкупно 12 лица, а регистрирани се 18 прекршоци на јавниот ред и мир, од кои најголем дел физички напади и физички пресметки.
Во текот на новогодишната ноќ се случиле седум сообраќајни незгоди, од кои најголемиот број со материјална штета, при што не се регистрирани жртви.-На подрачјето на СВР Скопје бележиме намалување на бројот на кривичните дела за разлика од минатата година, односно вкупно четири, и тоа по едно насилство, разбојништво, тешка кражба и нарушување на неповредливоста на домот, пет лица се приведени заради нарушен јавен ред и мир и сомнение за кражба. Регистрирани се осум нарушувања на јавниот ред и мир, од кои три физички напади, една физичка пресметка и два прекршока со карање, викање и непристојно однесување. На подрачјето на СВР Охрид регистрирани се тешка кражба, кражба и неовластено пукање со огнено оружје, од слобода се лишени две лица, од прекршоци регистрирани се четири нарушувања на јавниот ред и мир. На подрачјето на СВР Битола регистриран е напад на службено лице при вршење работи на безбедноста, 10 возила се исклучени од сообраќај поради возење под дејство на алкохол, едно лице е лишено од слобода.
Мирна новогодишна ноќ имавме и на подрачјето на СВР Штип, регистриран е нарушен јавен ред и мир од страна на малолетни лица на подрачјето на Свети Николе и еден во угостителски објект во Кочани. На подрачјето на СВР Куманово регистрирани се три нарушувања на јавниот ред и мир и кривични дела „насилство“ и „залутано зрно“. На подрачјето на СВР Струмица регистрирани се две кривични дела, и тоа кражба и оштетување на туѓи предмети, и еден прекршок за „лажно пријавување“.
На подрачјето на СВР Тетово констатирани се едно кривично дело насилство и три прекршоци за нарушен јавен ред и мир, а приведени се пет лица. На подрачјето на СВР Велес не се констатирани кривични дела, ниту прекршоци против јавниот ред и мир, информираат од МВР.Според информациите од кризниот штаб на подрачјето на Гевгелија откриени се 11 лица мигранти од кои девет од Пакистан и две лица мигранти од Авганистан и сите се пренесени во Транзитниот центар Винојуг за понатамошна постапка. При извршени контроли на патнички возила констатирани се 125 прекршоци, од кои осум за неносење заштитна маска и 117 сообраќајни прекршоци.