Во Скопје денеска ќе се одржат повеќе протести, пред Собранието на вработени во судската и обвинителската администрација, Фондот за здравство и Канцеларијата на Народниот правобранител, а пред Министерството за здравство на членството на Независниот синдикат на здравствените работници. Протестите се продолжение на испорачаните барања за зголемување на платите.
Вработените од судската и јавнообвинителската служба организирани од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) штрајкуваат од 27 септември барајќи исплата на додатоците на плата и зголемување на платите за 78 проценти, износ за кој беа зголемени платите на избраните и именуваните лица.
Поголеми плати бараат и вработените во Народниот правобранител кои првпат излегоа на протест пред три дена кога укажаа дека имаат голем обем на работа и оти нивните месечни примања во заостануваат во однос на останатите независни регулаторни тела.
Протест ќе има и пред Министерството за здравство во организација на Независниот синдикат на здравствените работници.
Од МВР соопштуваат дека во периодот од 11 до 14:30 часот Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на централното подрачје на град Скопје поради одржувањето на протестите.
Оттаму апелираат до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат протестите.